Анкета на „Фокус“ и „Рејтинг“ за февруари 2014

by Фокус 13:04
13:04

Ги прашавме граѓаните за довербата во телевизиите, која се покажува дека е нарушена по неколкуте корупциски скандали поврзани со некои новинари, а направивме и споредба на доверба што граѓаните ја имаа во Владата во септември и сега во февруари, при што се забележува значително смалена доверба.

СЕКОЈ ИМ ВЕРУВА НА ВЕСТИТЕ ОД „СВОИТЕ“ТЕЛЕВИЗИИ

- Advertisements -
Banner NISSAN_Okt_300x250

По низата скандали што ги објави опозицијата во кои обвинуваше за корупција на медиумите и новинарите од страна на владата, во ова истражување ја меревме довербата на граѓаните во вестите на телевизиите. Агенцијата „Рејтинг“ ги праша најпрво граѓаните „На вестите на која од телевизиите најмногу им верувате?, на кое се добиени следните резултати:

Од добиените одговори на ова прашање, како што може да се види, речиси секој петти испитаник не верува во вестите на ниедна од телевизиите во земјата. Во вестите на двете  најгледани  телевизии во Македонија,  Сител и Канал 5, кои не кријат дека се провладини, најголема доверба имаат вкупно 25,5 проценти од граѓаните. Во вестите, пак, на двете телевизии Телма и 24 вести, кои генерално важат за избалансирани, најмногу доверба имаат вкупно 24,5 проценти од граѓаните. На вестите од јавниот радиодифузен сервис МТВ најмногу им веруваат само 8,2 проценти од граѓаните, а на вестите од некогаш популарната телевизија Алфа најмногу им веруваат само 2,3 проценти.

Кога би ги анализирале резултатите од одговорите според етничката структура на населението, ќе забележиме дека речиси сите граѓани од албанска националност, најмногу им веруваат на вестите од телевизијата на албански јазик Алсат (74%), додека, пак, етничките Македонци, слично како и етничките Албанци, ги следат и имаат доверба во информативните содржини единствено кај медиумите кои известуваат на нивниот јазик. Токму од овие резултати се наметнува очигледниот заклучок дека Македонците и Албанците живеат во два различни комуникациски простори во Македонија.

Мошне интересни се одговорите од изборно веќе определените граѓани во Македонија околу тоа на вестите на која телевизија најмногу ѝ веруваат. Оние што би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, најмногу доверба имаат во вестите на Сител (38%), на МТВ(16%) и во вестите на Канал 5 (14%), додека, пак, тие што би гласале за СДСМ, најмногу доверба имаат во вестите на Телма ( 42%) и во вестите на 24 вести (32%). Оние што би гласале за ДУИ и за ДПА имаат најголема доверба во вестите на Ал сат.

Колку е „поделена“ јавноста по некои прашања, станува јасно и од одговорите на прашањето кое гласеше: Колку се согласувате со тврдењето: Владата го користи буџетот за корумпирање медиуми и новинари?

Како што може да се види од добиените одговори, 49 проценти од Македонците и 65 проценти од Албанците се согласуваат со ова тврдење, додека, пак, 41 процент од Македонците и 29 проценти од Албанците не гледаат вистина во тврдењето дека владата го користи буџетот за корумпирање на медиумите и на новинарите. Ваквиот наод е сличен со податоците што ги објави „Фокус“ за мислењето на граѓаните во однос на случајот со тендерот во кој беше вмешана Ивона Талевска. На прашањето дали станува збор за корупција на медиуми во случајот на Ивона Талевска, поставено пред неполни два месеца, 47 проценти од граѓаните сметаа дека станува збор за корупција.

ДОВЕРБАТА ВО ВЛАДАТА СЕ НАМАЛУВА

Владата на Никола Груевски, речиси во целиот период од изборите во 2011 година, до денес, успеваше да ја зачува својата доверба кај Македонците. Сите истражувања покажуваа дека на национално ниво, нивото на недоверба во владата беше пониско од нивото на довербата, но тоа беше секогаш резултат, пред сѐ, на големата недоверба во владата од страна на граѓаните со албанска етничка припадност, која и натаму останува висока. Во ова истражување за првпат и кај Македонците, процентот на тие што имаат доверба е понизок од тие што немаат доверба. На прашањето што гласеше: „Дали имате доверба во актуелната влада на Република Македонија?“, добиени се следните одговори:

Споредбата на одговорите на истото прашање „Дали имате доверба во актуелната влада на Република Македонија“во периодот септември 2013 – февруари 2014, изгледа вака:

Останува да се дознае дали причината за оваа промена на расположението е објавувањето непријатни факти за работењето на владата во овој период од страна на СДСМ и на независните портали и медиуми и дали можеби тоа не е клучната инспирација за идејата за одржување предвремени парламентарни избори, а не некаква политичка криза во земјата.

НЕГАТИВНИ ОЦЕНКИ И ЗА КОАЛИЦИЈАТА НА ВЛАСТ

Одговорите на граѓаните и на прашањето кое гласеше: „Дали владеењето на сегашната коалиција на власт го оценуваат како успешно или како неуспешно, исто така покажуваат незадоволство од власта.

Сепак, бројот на граѓаните меѓу Македонците, кои владеењето на сегашната коалиција на власт го оценуваат како успешно (37%) е нешто поголем од бројот на тие што го оценуваат како  неуспешно (32%).