ФК Вардар доби нов сопственик кој ќе ги плати долговите на Самосоненко

by fokus 13:18
13:18

Компанијата „Блу Скај инвесмент“ е согласна во целост да го преземе постојниот договор, со сите услови што Град Скопје го има склучено со поранешниот сопственик на фудбалскиот клуб Вардар, со што со тоа официјално го презема раководењето со клубот.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, на денешната прес-конференција по повод преземањето на клубот, истакна дека успешно заврши посредувањето на Градот Скопје со стариот и новиот инвеститор и сопственик на ФК Вардар, со што всушност, како што нагласи, успеале да обезбедат извесна иднина за клубот, како една од најголемите спортски институции во нашава земја.

- Advertisements -

Шилегов дополни дека новиот инвеститор ја презема обврската во целост да ја рехабилитира екипата и што е можно побрзо тимот да се врати во првата фудбалска лига.

– Сите долгови кои се настанати во меѓувреме, кон сите коминтенти и играчи, во наредниот период ќе бидат во целост подмирени од новиот инвеститор, што е дел од новиот договор. Во наредниот период јас со гордост ќе можам да побарам од Советот на Град Скопје, на следната седница, која планираме да се одржи во втората половина на месец август, овој договор да биде одобрен, како од надлежен орган кој ја има донесено и претходната одлука за продажба на акциите на ФК Вардар, додаде Шилегов.

Поранешниот директор на ФК Вардар, Самоил Симев, информираше дека на 23 јули е потпишан преддоговор за пренос на акции со „Блу Скај инвестменст“, каде што се обврзуваат во рок од 30 дена да потпишат главен договор, со што комплетно би се извршил преносот на акции и со тоа, формално-правно, тие би станале нови сопственици на клубот.

– Договорот има само еден услов, а тоа е да се исплатат во целост сите створени обврски заклучно со 30 мај, како кон фудбалерите, така и кон сите коминтенти, информирше Симев, кој дополни дека она што е важно е дека коминтентите би биле исплатени во рок од еден месец по потпишувањето на главниот договор.

Симев информираше дека долговите се во износ од 2,4 милиони евра и истакна дека е особено важно што исплатата на сите обврски од договорот ќе овозможи префрлање на корисничко право на тренинг кампот со што Вардар ќе го задржи својот дом.

Слободан Крстевски, сопственик на „Блу Скај Инвестментс“, се заблагодари за укажаната можност и најави прес-конференција со новата управа, каде што, како што истакна, ќе го претстават новиот тим и новите планови.

– Успеавме да ја стабилизираме екипата, да направиме тим, почнавме подготовки, почнавме со работа, ни претстои уште многу работа, во наредните месец дена треба да ги завршиме правните работи и само да го рестартираме Вардар, да го вратиме таму каде што припаѓа, истакна Крстевски.

Тој дополни дека се надева оти во најмала рака ќе го повторат успехот и ќе постигнат и повеќе од тоа.

ФК Вардар во сезоната што претстои ќе се натпреварува во Втора лига Запад.

Поврзани новости