Фирми во Македонија на црната листа на Ердоган

by fokus

 Државната турска новинска агенција– Анадолија, објави шема на организацијата Фето во сите балкански земји, меѓу кои и Македонија. Според Анадолија, ФЕТО е терористичка организација која е предводена од противникот на Ергодан, Фетула Ѓулен, а во која се вклучени стотина училишта, туристички агенции, невладини организации, медиуми.

Први на листата, според агенцијата, се основните и средните училишта „Јахја Кемал“ во Скопје, Тетово, Гостивар, Струга и во Струмица. Потоа неделникот „Заман Македонија“, како и организацијата „Седеф“ која организира курсеви ои турски јазик. Меѓу фирмите на црната листа се туристичката агенција „Башак“, компанијата за транспорт „Реинбоу“ и ланецот од маркети ЕВАР, кои се наоѓаат во Скопје.

Турскиот амбасадор во Македонија Шолендил вчера одби да одговори дали од турската Влада било побарано затворање на училишта во земјава кои се финансирани од мрежата на Ѓулен.

Тој само изјави дека турската Влада соработува со владите на други земји за да го потисне влијанието на организацијата предводена од исламскиот свештеник Ѓулен која, според турските власти, стои зад обидот за државен удар.

Од турската амбасада во Скопје не откриваат дали Турција официјално побарала од Македонија да преземе мерки против наводните соработници на движењето ФЕТО . Од списокот на „непријателски фирми“ на новинската агенција Анадолија, засега реагираа само од „Јахја Кемал“ од каде што велат дека тие немаат никаква поврзаност со Фетула Ѓулен, ниту финансиска, ниту каква било друга.

Поврзани новости