Фирмата на Вице Заев и СДСМ со исто барање: Институциите и невладините детално да ги истражат обвинувањата на Мицкоски

by fokus

По денешните обвинувања од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, со демант се огласи и прозваната фирма Тотал инжинеринг, чиј управител е братот на премиерот Заев, Вице Заев. Во демантот од фирмата забележително е што речникот е сличен со оној во партиската реакција на СДСМ.

-За изнесените невистини ќе следува соодветна судска постапка, а во меѓувреме јавно ги повикуваме институциите (обвинителството и финансиската полиција), но и сите невладини организации кои се занимаваат со отчетност и транспарентност, да ги истражат детално обвинувањата на Мицкоски и јавно да се произнесат дали Тотал инжинеринг има каква било индиректна или директна релација со евентуални тендери во државни или јавни институции, се вели во демантот од фирмата на Вице Заев.

Претходно во реакцијата на СДСМ го побара истото:

-Во име на вистината, ги повикуваме сите надлежни институции и невладини организации коишто се бават со антикорупција да се заинтересираат за измислениот случај на Мицкоски и за тоа да ја информираат јавноста.

Во демантот на Тотал инжинеринг уште се вели дека фирмата веќе нема своја механизација, бидејќи неодамна ја продала.

-Тотал инжинеринг, водејќи се од принципиелни и објективни причини и со цел да оневозможи каков било конфликт на интерес при својата работа, неодамна изврши продажба на севкупната механизација (камиони, багери, ваљаци, булдожери и останато). Тотал инжинеринг нема никаков деловен однос со компанијата која Мицкоски ја наведува, во обид да конструира непостоечки лажен случај.
Затоа, уште еднаш потенцираме дека механизацијата на Тотал инжинеринг, ниту пред продажбата, ниту после тоа, не била и не е ангажирана во ниту една постапка во РЕК или во која било друга државна институција. Оттука, лажните обвинувања на Мицкоски ги сметаме единствено за низок, непромислен и неуспешен обид на неговата партија да го извалка името на премиерот, неговите роднини и компанијата Тотал, се вели во демантот.

Поврзани новости