Фирмата која ги препакувала хемикалиите во ОХИС цела ноќ ќе ја собира излеаната течност

by fokus

Државни инспектори од Државниот Инспекторат за животна средина координирано со овластените инспектори за животна средина на Општина Кисела Вода и Градот Скопје и екипа на Министерството за внатрешни работи со Дирекцијата за заштита и спасување извршиле инспекциски надзор во кругот на ОХИС. Од Инспекторатот велат дека се случило излевање на вода со која била чистена празна цистерна во која претходно бил складиран метил акрилат мономер кој е целосно и безбедно препакуван.

-Инспекциските служби на централно и локално ниво постапиле по дојава од жители кои утрово почувствувале непријатна миризба во околината на фабриката.
Истекувањето се случило на локација каде правен субјект од Скопје препакува и отстранува историски отпадни хемикалии во течна состојба кои се неупотребливи и останати од поранешната фабрика, а кои ќе се извезуваат во странство.
Истечена е вода од цистерна во која бил претходно складиран метил акрилат мономер. Откако е испразнета цистерната фирмата имала обврска истата да ја исчисти. При перењето попуштил вентил и течноста се излеала во бетонска када која е надвор од објектот и затоа се почувствувала непријатна миризба во околината. Лабораторијата на МВР зема проба која ќе биде лабораториски испитана, по што ќе следува понатамошно водење на инспекциската постапка, информираат од Инспекторатот.

Од страна на Државен Инспектор за животна средина ќе биде изготвен Записник за констатирана состојба на лице место, а правниот субјект е веднаш задолжен да работи на терен цела ноќ за да целата излеана течност од кадата биде преточена во соодветно пакување, а во текот на викендот сабота 9.11 ќе биде извршен контролен инспекциски надзор од страна на ДИЖС. Отпадниот материјал е планирано целосно да биде извезен надвор од Македонија.

Поврзани новости