Финансиска полиција поднесе кривична пријава против сопствениците на „Прототип“ и „Феро центар“

by fokus

Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело Даночно затајување – член 279 и Фалсификување или уништување на деловни книги – член 280 од Кривичниот законик, Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против лицата:

-М.Т. во својство на сопственик и управител на Друштвото за градежништво и трговија на големо и мало Прототип ДООЕЛ Скопје, кој во периодот од 2013 година до м.Март 2019 година, со намера да се стекне со противправна имотна корист, од сметката на Друштвото подигнал парични средства во готово во износ од 450.375.935 денари на име „материјални и патни трошоци“, без да изготви и достави документација за нивна економска оправданост во сметководствената евиденција, туку истите ги присвоил за себе и притоа не пресметал и не платил Персонален данок на доход во износ 58.101.643 денари и Данок на добивка во износ од 7.929.453 денари на штета на Буџетот.

Со цел да ги прикрие инкриминираните дејствија со кои се стекнал со противправна имотна корист,  а да ја избегне законски пропишаната обврска за пресметување и плаќање на Персонален данок на доход и Данок на добивка, пријавениот М.Т. во своето сметководство во 2016 година прикажал спротивно на законските и сметководствените прописи неосновано пребивање на салдото на подигнати материјални трошоци во вкупен износ од 450.375.935 денари со наводно „зголемување на вредноста на основните средства“, искористувајќи ја извршената проценка од овластен проценител за моменталната пазарна вредност на недвижниот имот во сопственост на Друштвото Прототип ДООЕЛ Скопје.

-О.С.М. во својство на сопственик и управител на Друштвото за градежништво и трговија на големо и мало Феро Центар ДООЕЛ Скопје (претходно во сопственост на пријавениот М.Т. до 25.06.2014 година), во периодот од 2014 година до 25.03.2019 година, со намера да се стекне со противправна имотна корист,, од сметките на Друштвото подигнала парични средства во готово во износ од 76.021.721 денари на име, „материјални и патни трошоци“ без да изготви и достави документација за нивна економска оправданост во сметководствената евиденција, истите ги присвоила за себе и притоа не пресметала, не пријавила и не платила персонален данок на доход во вредност 8.446.013 денари на штета на Буџетот.

Со цел да ги прикрие трагите на кривичното дело, пријавената О.С.М. до Централен регистар и Управата за јавни приходи поднела завршни сметки со невистинити податоци во кои прикажала нереален негативен финансиски резултат – загуба, со цел да избегне Данок на добивка на невратените позајмици, подигнатите парични средства во готово и неотпишани побарувања постари од три години, со што ја намалила даночната основица за 2014, 2015, 2016, 2017 и 2018 година, односно не пресметала, не пријавила и не платила Данок на Добивка во износ од 19.978.712 денари на штета на Буџетот.

Пријавените М.Т и О.С.М. знаејќи дека ТД Прототип станало неспособно за плаќање со намера да ги изиграат доверителите во периодот од 01.01.2015 до 31.12.2018 година склучиле вкупно 1.070 (илјада и седумдесет) Договори за цесија во име и за сметка на ТД Прототип, ТД Феро Центар и други правни субјекти спрема кои ТД Прототип имал побарувања или обврски, ,со цел да го пренасочат приливот и одливот на паричните средства од сметката на ТД Прототип на сметката на ТД Феро Центар, на кој начин ги ставиле во поповолна положба повеќе доверители на штета на Управата за јавни приходи.

Со горенаведените инкриминирани дејствија пријавените М.Т. и О.С.М. преку пријавените поврзани правни субјекти „Прототип и „Феро Центар“ се стекнале со противправна имотна корист од затаени парични средства на име даноци од вкупно 94.455.821 денари, за кој износ го оштетиле Буџетот на Република Северна Македонија.

Поврзани новости