Финансиската полиција со сите свои капацитети е активно вклучена во акцијата што отпочна по трагедијата во Кочани, а која треба да утврди дали угостителските објекти кои функционираат како кабареа, дискотеки и ноќни клубови во земјава работат согласно законските прописи.
„На располагање се ставени сите капацитети на Финансиската полиција за потребите на оваа акција, која има за цел да открие евентуални неправилности и нелегални активности во работењето на овие објекти“,се вели во соопштението од институцијата.
Како што додаваат, акцијата во делот на надлежностите на Финансиката полиција е фокусирана на утврдување финансиски проневери, избегнување даночни обврски, нелегално работење и други неправилности во финансиското работење на угостителите.
Паралелно со ова, истражните органи се насочени кон откривање на сите аспекти кои можат да резултираат со санкционирање на оние кои не ги почитуваат законите и регулативите.
Од Финснсиката полиција велат дека се во тесна координација со сите институции и работат посветено на целосно отстранување на сите неправилности во насока на обезбедување на почитување на законите и регулативите.
Владата наложи контрола на сите субјекти во државата што се регистрирани како кабареа, дискотеки и ноќни клубови.