Филмска приказна на Ребека, кучето кое по девет месеци е повторно со сопственичката Ивона

by Fokus

Ребека, кучето по кое се трагаше, чии фотографии се објавуваа на социјалните мрежи, но и се нудеше награда од сто евра за оној кој ќе го пронајде, по девет месеци е дома, кај својата сопственичка Ивона Трајановска.

Приказната на Ребека е како од филм за миленици. Тина, другарка на Ивона ја пронашла оставена на патарина, како мало кученце, пред две години. Уште кога ја здогледала за прв пат, Ивона знаела дека Ребека ќе и прирасне на срце, и без многу двоумење ја вдомила во својот дом во Тафталиџе.
Кога пред девет месеци ја снемало од двор, вели дека цело Скопје, но и регионот ги прочешлала во потрага по својата крзнена пријателка.

-Најверојатно некој оставил отворена врата во дворот, па Ребека излегла и залутала. Кој ја зел, каде ја чувал за сето ова време, не знаеме со сигурност.

Нејзината фотографија и наградата од сто евра за оној кој ќе ја пронајде, апелите на сите можни страници за миленици, тоа ни беше секојдневие цели девет месеци, се до вчера. Многумина ми се јавуваа, секогаш се испоставуваше дека се работи за друго куче, кое личи на Ребека. Нејзе ја немаше, но не се откажував од потрагата.

Кога вчера ја видов нејзината фотографија, објавена на социјални мрежи од девојче кое случајно ја забележало во Кисела Вода, и кое прашува дали некој го познава нејзиниот сопственик, срцето ми заигра. Веднаш се упатив во Кисела Вода. Во меѓувреме, други девојчиња ми се јавија, ми кажаа дека ја забележале во парк. Ги замолив да ја задржат, за десет минути бев таму – раскажува Ивона.

За моментот кога по девет месеци се сретнале со Ребека, вели дека нема соодветни зборови. Кучето веднаш ја препознало, биле тоа измешани емоции, радост и неверување.

-Љубителите на кучиња знаат за какви емоции зборувам. Ребека веднаш ме препозна, си дојде дома со мене, како никогаш да не сме биле разделени. Видно е ослабната, крзното и е оштетено и наскоро ќе има нова фризура, односно ќе следи потстрижување, како и посебен режим на исхрана за повторно да се врати на старо, во форма.

Пресреќна сум, луѓе кои знаат колку се трудев да ја најдам постојано ми се јавуваат, ги радува вака убава приказна во овие времиња. Моето мото е кога една врата се затвора, друга се отвора, и благодарна сум на сите кои покажаа грижа во случајов, на сите кои беа вклучени во потрагата по Ребека, кои се јавуваа, и кои сега со нас се радуваат – вели Ивона.

Вики Клинчарова

Поврзани новости