Министерот за правда има слаби перформанси, порача вечерва пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски вечерва во емисијата Топ тема на телевизија Телма коментирајќи ја работата на министерот за правда и дел од владината коалиција ЗНАМ, Игор Филков.
Тој додаде дека очекувал од страна на Министерството за правда до сега да бидат изработени законски измени на одредени системски закони, меѓу кои и Предлог Закон за Јавно обвинителство, нов Кривичен законик, Предлог Закон за плати на судиите, но до ден денес истите ги нема.
„Ова е мој личен став. Јас сметам дека министерот за правда има слаби перформанси по однос на обврските кои што ги има преземено за реформите во правосудството“, кажа Милошоски.
Иако тој потенцираше дека се работи за личен став, сепак неговата изјава и последните случувања, особено кај третиот коалициски партнер ВРЕДИ, укажуваат на сериозни несогласувања внатре во владината коалиција по едвај 10 месеци функционирање.