Филипче: Засега нема да има рестрикции на граничните премини

by fokus

Засега не се размислува за воведување на рестрикции на граничните премини или задолжителен ПЦР-тест, вели министерот за здравство, Венко Филипче, на прашањето дали може да се очекуваат реципрочни мерки, откако Србија воведе мерка со која од 20 декември до 10 јануари во земјата ќе може да се влезе само со негативен ПЦР-тест.

-Засега не. Сметаме дека тоа е нешто што не е таков ризик, еве и сегашната ситуација е доказ дека отворените граници не се ризик за влошување на епидемиолошката ситуација, главниот ризик е локалната трансмисија и затоа се така димензионирани мерките, појасни денеска Филипче.

Министерот уште една апелираше граѓаните претстојните празници да ги прославуваат во кругот на семејството.

-Луѓето не треба да се групираат и мора да останат во рамките на своето семејство. Дали ќе бидат тука во градот или во викендица. Гледавме на социјалните мрежи и агенциите дека повеќе млади луѓе сакаат да заминат од градовите, а тоа значи ризик од појава на кластери и од тука потекнува иницијативата тоа да се забрани. Луѓето нека се стрпат од излегување, и сега да не се излегува без потреба. За време на претстојните верски празници, слави и новогодишната ноќ да останат во рамките на своето семејство, затоа што видовме дека мини кластери потекнуваат од групирања. Не постои можност да се влезе во домот, загарантиран е интегритетот согласно Уставот. Овој дел останува исклучиво на свеста на граѓаните и затоа апелираме да се почитуваат овие мерки, рече Филипче.

Поврзани новости