Филипче: Со посебни насоки ќе се враќа животот во нормала

by Fokus

Кога ќе дојде време за прекинување на мерките воведени за спречување на коронавирусот, ќе се враќаме во нормалниот живот постепено, без да се остави простор за втор бран на заболувања.

Како што појасни министерот за здравство, Венко Филипче, сега сме во фаза во која го очекуваме врвот на кризата или зголемувањето на бројот на заболени случаи од ковид-19.

„Ние сме сега во една фаза во која мерките што ги воведовме се практично најстроги во смисла на рестрикција на движењето. Сметаме дека ќе дадат резултат, но истовремено се спремаме и за периодот кога ќе се достигне врвот. Согласно предвидувањата тоа би било на крајот на април. Сакам да упатам една јасна порака дека нема да може така лесно, целокупниот и работен процес и животот да се врати во нормала и со истиот интензитет“, – рече Филипче.

Имајќи го предвид искуството на некои други земји, додаде тој, секогаш постои ризик и за втор врв на дијагностицирани пациенти.

„Започнуваме интензивна комуникација со стопанските комори и од нашата страна, од страна на Комисијата за заразни болести ќе им се дадат јасни насоки, како треба нивниот работен процес да го организираат, за во моментот кога ќе дојде, да се отстранат сите тие рестрикции и ригорозни мерки, постепено да се вратиме во нормала“,  – рече Филипче.

 

Поврзани новости