Министерот Венко Филипче денеска истакна дека е донесена одлука да се мобилизира целиот медицински персонал, во насока на справување со корона вирусот.
-Целиот медицински персонал, не само во јавните, туку и во приватните установи, ги мобилизираме и ставаме на располагање согласно нашиот оперативен план за делување во установите каде што ќе биде потребно, рече Филипче, кој се заблагодари на приватните болници кои на располагање ги понудиле своите капацитети.
Тој истакна дека во насока на превенција, Клиниките нема да ги оддржуваат своите утрински стручни колегиуми, а се одложуваат и сите интервенции кои може да се одложат.
– Се одложуваат сите хронични пациенти, на кои може да се одложи интервенцијата. Се третираат само итните и малигни случаи каде што нема простор за одложување, изјави Филипче.
Назначен е координатор на службата за инфективни болести во Дебар што во следниот час ќе се упати таму и ќе ја организира работата со петте пациенти кои се таму и дополнително ќе ја организира работата на тимот што е веќе таму.
Детската клиника во Козле, посочи Филипче, ќе се подготви за примање на деца евентуално заболени од коронавирус.
– Сите сега хоспитализирани пациенти ќе бидат префрлени на лекување на Клиниката за педијатрија со цел децата да бидат изолирани од возрасните и другите деца кои се лечат од друга патологија, изјави Филипче.
Безбедностаната состојба во Дебар и Центар Жупа, нагласи Филипче, во разговор со претставници на МВР, била стабилна и нема нарушување на јавниот ред и мир.
– Полициските склужбеници вршеле обиколка и контрола на сите угостителски и други објекти, обложувалници и ноќни клубови со цел доследно спроведување на мерките. Со несмален интензитет се спроведуваат мерките за контрола и дезинфекција на сите возила за влез во Дебар и Центар Жупа. Без проблем се одвива дотурот на храна и потребни материјали, изјави Филипче.
Во координативен разговор со претседателот на Владата, министерката за финансии и гувернерката на Народна банка, рече Филипче, сите функции на финансиските институции се одвиваат нормално.
Апелираше граѓаните да останат дома и движењето да го сведат на минимум само за неопходните потреби и да ги почитуваат мерките и препораките.