Филипче: Понуда за руската вакцина добивме кога процесот за безбедност не беше целосно завршен

by fokus

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања информира дека пред неколку месеци добил понуда од рускиот амбасадор во нашата земја Сергеј Баздникин за руската вакцина „Спутник 5“, но таа тогаш била во третата фаза од клиничките испитувања, а процесот, кој гарантира нејзина безбедност, не бил целосно завршен.

– Последните месеци тој процес заврши и таа влегува во еден од деловите на КОВАКС механизмот. Не како целосно одобрена. Меѓутоа, очигледно дека во официјалната група на сите производители преку КОВАКС ќе стигне и руската „Спутник 5“. Значи, ние ќе можеме евентуално да ја добиеме и оваа вакцина со одлука на СЗО и на Гави алијансата, изјави Филипче.

Министерот потенцира дека не постоела ниту една можност да ја добиме руската вакцина во моментот кога првпат ни била понудена, оти не бил завршен процесот на клиничко испитување.

Тој информира дека со премиерот Зоран Заев денеска успеале да склучат договор со компанијата „Фајзер“, а првите вакцини треба да пристигнат во февруари.

– Тоа е единствената вакцина која има одобрение од двете регулаторни комисии на САД и Европа, ФДА и ЕМА. Вакцината е единствената која ги има поминато сите многу строги контролни механизми на овие административни тела, истакна Филипче.

Поврзани новости