Филипче поддржува декриминализација на марихуаната за лична употреба

by Фокус

Министерот за здравство, Венко Филипче, во вечерашната дебата на „360 степени“ рече дека економскиот бенефит што би го добила државата од извозот на цвет од канабис, како и средствата од даноците кои ќе се плаќаат, ќе бидат наменети и за програмите на Министерството за здравство и за пациентите со ретките болести.

-Во делот на економскиот бенефит, директно ќе го осетат нашите пациенти. Таа програма на Владата преку која ќе се регулира како ќе се користат средствата од даноците ќе биде наменета, меѓудругото и на програмите во Министерството за здравство. Така почнавме, да ги зголемиме програмите во делот на ретките болести, а за тоа имаме согласност и поддршка од здруженијата на пациенти со ретки болести – вели Филипче.

Тој додаде дека поддржува декриминализација на канабисот за лична употреба, но, како што истакна, тоа мора строго да се регулира.

-Подготвени сме да отвориме една многу широка дебата во општеството во којашто ќе учествуваат сите чинители.  Подготвени сме да ги слушнеме идеите на граѓанските организации, здруженијата на пациенти, да видиме кои процеси треба да ги преземеме. Тука Министерството за здравство не е само, тука има и други институции на државата како Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи – рече Филипче.

Поврзани новости