Филипче најавува тужба, ако портпаролот на ДПМНЕ Стоилковски јавно не се извини за изнесените лаги

by Fokus

Министерството за здравство го демантира обвинувањето на ВМРО-ДПМНЕ за донација на лекови со краток рок на употреба од невладина организација во сопственост на министерот за здравство Венко Филипче, отфрлајќи го како лажно тврдење и инсинуации на опозициската партија.

„Ширењето лажни вести, лаги и пропаганда од страна на ВМРО-ДПМНЕ и нивните портали е со цел оцрнување на работата на министерот за здравство и обид за добивање ситни дневнополитички поени кои се загрижени поради успешно водење на здравството во Македонија во изминативе месеци“, пишува во реакцијата.

Министерството посочува дека невладината организација PHM-CEE, од која дел е и министерот Филипче и која се спомнува во прес-конференцијата и од некои портали, е дел од голема граѓанска меѓународна организација, која не е во функција повеќе од една година.

Од здравство појаснуваат и дека инсулинот, кој е со рок на траење до 30 септември 2018 година е потрошен во јули.

„Од 15 август 2018 година веќе се обезбедени и се дистрибуираат инсулини „Новорапид“ со рок на траење повеќе од 12 месеци, а секој лот (серија) на сите видови инсулин е регистриран со количина и рок на траење“ се вели во реакцијата.

Министерството за здравство посочува дека вака изнесените невистини влијаат на пациентите.

Оттаму го повикуваат портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски јавно да се извини.

„Во спротивно, Министерството за здравство ќе ги преземе сите расположливи правни инструменти согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и останатите позитивно-правни прописи на Република Македонија“, се наведува во реакцијата на Министерството за здравство.

Поврзани новости