Филипче најави нов закон за абортус: Волјата на жената на прво место

by fokus

Во тек е подготовка на нов закон за прекин на бременоста со кој на жената и се дава можност за слободен избор за абортус до 12-та недела, во консултација со матичниот гинеколог. Слободен избор за прекин на бременоста жената ќе има и до 22 гестациска недела од бременоста, со оценка на комисија составена од двајца гинеколози и еден социјален работник.

Ова денеска го соопшти министерот за здравство Венко Филипче на стручниот симпозиум на тема „Вродени аномалии – предизвици, дилеми и третман“ во организација на Македонското лекарско друштво.

– По наполнување на 22 гестациска недела, ќе се формира посебна стручна комисија која ќе треба да направи проценка за одобрување прекин на бременост. Таа комисија, освен гинеколози и акушери, ќе биде составена и од специјалист од детска хирургија, детска кардиологија, кардиохирургија, неврохирургија, анестезиологија и социјален работник. Во случај на вродена аномалија кај плодот жената има право да ја прекине бременоста врз основа на мислење од овие специјалисти, рече Филипче. Додаде дека одлуката за прекин на бременоста е право на жената и оти тоа никој не може да и го одземе.

Министерот за здравство изјави дека направиле неколку измени во законот, усогласени се со Министерството за труд и социјална политика и во постојана комуникација се со работната група составена од гинеколози и други експерти кои имаат стручна улога во процесот на абортус.

– Тоа што е ново, што го немаше во досегашниот закон, е што волјата на жената ја ставаме на прво место во овој период, рече Филипче. Додаде дека драфт верзијата на законот е подготвена и оти потребна е уште една финална консултација со сите кои се заинтересирани за промена на законот, со стручните лица од Клиниката за гинекологија и акушерство, МТСП и невладините организации.

Филипче изјави дека има огромен напредок во однос на дијагностиката, пренатална и интраутерина, со различни методи кои, како што рече, дополнително сакаме да ги унапредиме со овозможување нови методи за дијгностика, но и во третман на прерано и бебињата родени со одредени малформации. Резултатите покажаа дека има одличен успех, се имплементираат нови методи во нашето јавно здравство.

Експерти во различни специјалности, на симпозиумот ќе ги промовираат достигнувањата во нашата медицина. Податоците покажуваат дека поради некоја вродена аномалија годишно во светот умираат околу 300.000 новороденчиња во период од четири недели по раѓањето.

Поврзани новости