Филипче: Месецов сигурно ќе почне имунизацијата

by Фокус

Во текот на овој месец сигурно ќе почне имунизацијата на населението, заради тоа што очекуваме една одредена количина преку Ковакс системот и ги очекуваме руските вакцини, имаме иницијална најава од денешните состаноци дека тоа може да се случи викендов веќе в недела, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче во интервју на МРТ.

– Во првиот квартал најавија околу 20.000 вакцини, понатаму до 800.000 вакцини распределени во следните три квартали. Навистина долго го чекавме договорот, но исто така сме свесни дека огромен број земји го прават буквално истото. Така да подготвени сме, системот е подготвен, тоа е нешто што е навистина важно, едуцирани се здравствените работници, тие кои директно работат со вакцинацијата и практично од 11 март ние започнуваме и со ревакцинција на сите здравствени работници коишто ја примија и првата доза на вакцината – нагласи Филипче.

Тој посочи дека нема потврда со сигурност каква ќе биде ефикасноста на вакцините за новите соеви.

– Затоа кога вака во квартали ги добиваме вакцините можно е да се случи производителите да ги сменат платформите на коишто се произведуваат вакцините, за да бидат ефикасни на потенцијалните нови соеви коишто би можеле да стигнат понатаму во текот на годината и затоа е развиен овој систем вака затоа што може да се случи фајзеровата вакцина којашто ќе доаѓа на крајот на годината едноставно да не биде истата со таа што е сега, зошто таа можеби ќе биде ефикасна на некој друг сој што тогаш ќе биде актуелен, не само кај нас, ова важи за буквално секоја земја во светот – рече Филипче.

Поврзани новости