Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во гостување во „Политиканти“ најави дека за следната недела е договорена средба со актуелниот министер за здравство, Арбен Таравари, кој е пред излегување од владината коалиција.
-Со Арбен како колеги имаме добра лична релација. Не знам што се случува, дали излегува од Влада или не, меѓутоа договоривме средба за следната недела – рече Филипче.
Тој додаде дека работните групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се во комуникација по неговата средба со премиерот Христијан Мицкоски.
-Работни групи работат на важни закони во правосудството, нашите коментари на нивните текстови ќе ги дадеме следната недела, се надевам дека се ќе биде усвоено со широк консензус. Во сите држави во процесот на преговори со ЕУ се работело заедно, власт и опозиција, Хрватска и Германија се еден позитивен пример – вели Филипче.
Сепак, посочува дека има разлики по однос на уставните измени.
-Во следниот период ќе иницирам средба на сите парламентарни политички партии за да разговараме за Францускиот предлог и што е пречката да се усвојат уставните измени. Главната пречка е на пример историската комисија, некој мисли дека ќе ни го земат Гоце Делчев или слично, меѓутоа во протоколот број 2 се вели дека решенија не се задолжителни, туку се охрабрува Комисијата да работи.
Тоа значи дека ако не се согласиме нема ни да дојдат на точна на дневен ред одредени теми. Тоа можеби е и некој ирационален страв, затоа и ќе иницирам разговори – рече Филипче кој вели дека ќе предложи Македонија да отиде во Брисел со заеднички црвени линии усвоени во Собранието.