Министерот за здравство Венко Филипче денеска се сретна со претставниците на здруженијата на пациенти кои ги изнесоа своите предлози за доследно спроведување на одлуката на Владата по препорака на Комисијата за заразни болести, хронично болните да се вратат на работа, а притоа да не се прават злоупотреби на системот.
– Станува збор за широка категорија и идејата е да ја сведеме на поткатегории со цел да не се злоупотребува системот и да биде фер за сите, односно оние кои треба да се дома и кои се навистина во ризик, да останат дома. Реален проблем е тоа што бевме сведоци на злоупотреби, истакнал Филипче на средбата, соопшти Министерството за здравство.
Хронично болните имаат рок до 23 септември да посетат специјалист и да добијат потврда со која поради нивната дијагноза и состојба нема да можат да се вратат на работа. За да можат да го реализираат тоа, ќе бидат пуштени дополнителни термини на Мој Термин и е-амбуланта. Доколку до 23 септември овие пациенти не стигнат да ги обезбедат потврдите, ќе се остави простор за пролонгирање.