Филипче-Едштадлер: Меѓународниот сертификат со Австрија без ограничување од типот на вакцините

by fokus

Министерот за здравство Венко Филипче и Каролине Едштадлер, сојузна министерка за ЕУ и Устав на Австрија, на денешната средба ја потенцираа важноста на процесот на имунизација и заклучија дека недостатокот на вакцини е проблем со кој се соочуваат сите земји во светот, информираа од Министерството за здравство.

Едштадлер истакнала дека и Австрија го има истиот тој проблем, потенцирајќи дека „никој не е безбеден додека сите не се безбедни“.

На средбата Филипче и Едштадлер разговарале и за сертификатите кои граѓаните треба да ги добијат по примањето на две вакцини за непречено движење надвор од границите и било истакнато дека сертификатот ќе биде предмет на взаемно договарање на двете земји, без ограничување со типот на вакцините.

– Денеска од Австрија ја добивме првата количина на вакцини од Фајзер, вкупно 4860, а до крајот на месецот ќе пристигне и вкупната количина од 19.890 дози. Оваа поддршка во тек на актуелната пандемија значи многу за взаемната продуктивност при процесот на вакцинација. Тим Европа на ЕУ се роди во ковид 19 кризата како начин на колективна поддршка и солидарност на ЕУ кон државите партнери во битката со пандемијата, информираат од МЗ.

Покрај набавката на вакцините на состанокот се разговарало и како да се влијае врз подигање на свеста на граѓаните за важноста од вакцинација.

– Интензивната соработка на нашата и австриската влада започна многу порано пред почетокот на ковид пандемијата. Владата на канцеларот Курц во форма на стручна бесплатна помош за развој и унапредување на здравствениот систем во нашата држава помогна во изработка на физибилити студија за изградба на новиот Клинички центар, истакнал на средбата министерот Филипче.

Поврзани новости