Филипче до пратениците: Нема веќе време за одложување, мерките мора итно да се донесат во Собрание

by fokus

Пратениците да покажат одговорност и што поскоро едногласно да се изгласаат двата пакета мерки за заштита на населението и спречување на понатамошно ширење на вирусот, апелира министерот за здрасвство, Венко Филипче откако денеска измените на Законот со којшто требаше да се воведат новите рестриктивни мерки не беа ставени на дневен ред бидејќи опозицијата побара дополнително да ги разгледа.

– Барам сите сложно да испратиме порака на единство околу важноста за почитување на мерките. Тие се целосно издржани, базирани на анализите на Институтот за јавно здравје и на меѓународните искуства. Исти или слични мерки во моментов веќе се на сила во сите европски држави, потенцира Филипче.

Според него, нема повеќе време за одлагање, состојбата со вирусот е сериозна.

-Истовремено им порачувам на граѓаните дека и постоечките мерки и препораки се во интерес на заштита на нивното здравје и мора доследно да се почитуваат. Болниците се полнат и сите треба да сме свесни дека од секој од нас зависи како ќе ја надминеме состојбата. Следат ризичните есенски и зимски месеци и барам високо ниво на свест и почит кон трудот на здравствените работници, апелираше министерот Филипче.

За предложените измени би требало да се расправа на седница на 27 октомври, кога се очекува на работа да се вратат и двјацата пратеници кои се позитивни на корона.

Поврзани новости