Филипче: Британската мутација на корона вирусот се шири за 70 посто побрзо, но е со полесна форма

by fokus 20:31
20:31

Оваа мутација на вирусот не можеше да се избегне и веројатно ќе се случи во сите земји во светот. Таа има побрза трансмисија за 70 проценти, но нема простор за паника, остануваме внимателни. Штом е детектирана на едно место мутацијата веројатно дека ја има и на други места. Мутацијата не мора да е секогаш увезена од некои од земјите, истакна  министерот за здравство Венко Филипче во врска со детектираниот британски сој на вирусот во земјава.

Тој во вестите за Канал 5 телевизија истакна дека ова било очекувано и практично било невозможно да не се случи, со оглед на тоа што во повеќе земји во Европа и во регионот овој сој на вирусот веќе е присутен.

- Advertisements -

– Ова е карактеристика на овој тип на РНК вируси многу брзо да се адаптираат. Впрочем тоа што и досега имаме 20 веќе изолирани соја со различна фрекфенција ни укажува на тоа кога има некаква пречка во трансмисијата, а пречка се нашите превентивни мерки – тогаш вирусот се адаптира. И тоа се случува насекаде во светот. Разговарав со претставници на лабораторијата, типично како што се опишани во литература сите промени во т.н британски вирус, така е идентификуван во конкретниот случај. Пред 10-тина дена е направена дијагнозата, а сега е направено секвенционирање на геномот кој укажал дека ја има таа мутација, рече Филипче.

Посочи дека според публикациите во Велика Британија, оваа мутација на вирусот има побрза трансмисија за 70 проценти.

– Нема простор за паника, остануваме внимателни. Ние и сега имаме превентивни мерки кои очигледно дадоа резултат. Точно е дека оваа мутација на вирусот има побрза трансмисија за 70 проценти, според публикациите во Велика Британија. Исто така, тоа што е познато од литературата е дека типот, формата на болеста е полесна од она што беше претходно. Но, превентивните мерки мора да се почитуваат. Очигледно е дека носењето на маски, држењето на дистанца навистина станува клучно, посебно со оваа форма на мутација на вирусот. Ние будно ја следиме епидемиолошката ситуација. Засега нема да препорачаме друг тип или дополнителни превентивни мерки, но следиме каква ќе биде состојбата, изјави Филипче.

Доколку ескалира ситуацијата, потенцира министерот, здравствениот систем е подготвен и поставен, а во било кој момент испразнетите одделенија може повторно да станат ковид – центри.

Поврзани новости