Филип Петровски се заканува со тужба: Мојот избор за доцент е законски!

by Фокус

Директорот на Државниот архив, Филип Петровски, вели дека нема ништо ништо спорно во неговиот избор за доцент на Универзитетот Евро Балкан во 2012 година.

„Изборот е извршен во согласност со закон и сите потребни документи се во предметот за избор, вклучително и рецензентскиот извештај. Тоа можете да го проверите и на Универзитетот Евро Балкан. Доколку тврдите спротивно од ова во вашиот медиум, ќе треба истото да го докажете на надлежен суд“, реагира Петровски.

Неделникот Фокус во најновиот број објавува сторија за Петровски, во кој пренесува исвестување од Евро Балкан дека архивата на Универзитетот покажува дека изборот на Петровски за доцент е проблематичен од неколку аспекти, но со оглед дека неговиот став го добивме по затворањето на весникот, го објавуваме на интернет-порталот.

Инаку, од овој универзитет ни ја доставија на увид документацијата за избор на Петровски, во чии рамки има барање до Советот за научна дејност и последипломски студии, во кое тој наведува дека по дипломирањето на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет, се стекнал со тутула магистер по меѓународна политика на Правникот факултет при УКИМ, а докторирал на Интитутот за социолошки и политичко-правни истражувања.

„Истражувачките интереси кон кои е насочено моето внимание се меѓународното право, дипломатијата, меѓународната политика, како и компаративните политички систему. Својот научен придонес во институтот Евро Балкан го гледам во рамките на погоре наведените области, но не исклучувам работа во области надвор од тоа“, стои во барањето на Петровски, во прилог на кое уште доставил потврда дека докторирал во 2010 година на тема „Колективната безбедност пред предизвиците на 21-от век“, како и кратка биографија.

Покрај тоа, во документитацијата има одлука на Советот за научна дејност и последипломски студии во 2010 година да се формира Рецензентска комисија за избор на Петровски во наставно-научно звање доцент, како и одлука на Матичната комисија при универзитетот од 2012 година Петровски да се избере во звање доцент од областа на политичките науки по предметите „Југоисточна Европа во трансатланските односи“ и „Современа политичка историја на Македонија“.

Како што се наведува во оваа одлука, изборот е направен врз основа на поднесениот извештај на Рецензентската комисија, за кој Петровски тврди дека се наоѓа во Универзитетот, од каде, пак, наспроти тоа, велат дека таков извештај не постои во архивата. Инаку, извештајот е документ кој содржи детални биографски податоци на кандидатот , неговите постигнувања во наставно-образованта дејност, научно-истражувачка и стручно-апликативната дејност, а таков извештај не може да се пронајде ниту на билтените на универзитетот, што е законска обврска.

Во неговата реакција, Петровски воопшто не одговара на другите две прашања на Фокус, од кое едното се однесува на несоодветниот состав на рецензентската комисија, составена од професорите Јован Донев, Митко Панов и Рубин Земон. Имено, Членот 132 од Законот за високо образование, кој ја дефинира постапката за избор во наставно-научни звања, определува дека изборот го врши наставничкиот совет врз основа на рефератот на рецензентската комисија на најмалку три члена, која, патем, треба да биде формирана на тој начин што „повеќе од половината од нив мора да бидат од истата, а останатите од сродна наставно-научна област“. Сепак, овој услов не е исполнет, со оглед дека Панов е историчар, а Земон антрополог.

Исто така, овој закон со членот 125 предвидел дека за доцент може да биде избрано лице кое има научен степен доктор на науки од научната област во која се избира, просечен успех од најмалку осум на студиите на прв и втор циклус за секој циклус посебно, како и најмалку четири научноистражувачки трудови во соодветната област објавени во меѓународни научни списанија или меѓународни научни публикации или научни труда. Иако Петровски во биографијата до Универзитетот навел пет дела („За нас“, 2003; „Уште еднаш за нас“, 2006; „Анти блог за Филип Петровски“, 2008; „Мислења“, 2009 и „За нас“, 2009), меѓу нив нема 4 научни труда.

Редакцијата на Фокус останува отворена за Петровски да се произнесе околу овие дилеми, наместо да се заканува со тужби, за кои нема никаква основа.

В.С.

Поврзани новости