Собранието ќе заседава за ГА-МА цела ноќ, остануваат над 20 дискутанти

by Фокус

Собраниската седница на која се расправа за законот за склучување на спогодба меѓу Владата и Макпетрол околу се уште заедничкото друштво ГА-МА ќе трае до раните утрински часови.

Спикерот Талат Џафери најави дека седницата ќе трае до исцрпување на целата дискусија, а досега правото на збор го искористиле 15 од вкупно 39 пријавени дискутанти.

Џафери за Фокус потврди дека нема намера да отстапи од првичната заложба и најава, истакнувајќи дека после оваа пауза седницата ќе продолжи и ќе трае до крај, со тоа што, како што вели, дополнително ќе има уште една пауза согласно ковид-протоколите.

Инаку, опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се спротивставува на носењето на законот со кој Владата треба да му исплати над 30 милиони евра на Макпетрол, со што практично државата ќе стане целосен сопственик на друштвото за пренос на природен гас ГА-МА.

Како што велат опозициските пратеници, ваква спогодба не треба да минува низ собранието, туку треба да ја склучи Владата по дадена согласност од државното правобранителство, која, според нив, не ја добиле па затоа се решиле на ваква варијанта.

Од парламентарното мнозинство на чело со СДСМ, пак, реагираа дека станува збор за одлука одобрена од Европската енергетска заедница и согласно Законот за енергетика, кој предвидува деконцентрација на преносот и снабдувањесо со гас.

Во однос на тоа, премиерот Зоран Заев вечерва изјави дека на овој начин државата ќе стане сопственик на витален ресурс, што, истакна тој, е услов за поврзување со интерконекторот со Грција.

Со конечното решавање на деценискиот спор меѓу државата и Макпетрол околу доминантната сопственост врз ГА-МА, смета премиерот, ќе се обезбеди поефтин гас и тоа ќе има позитивни еколошки ефекти.

В.С.

Поврзани новости