Фетаи остро и со висок тон го испрашува Азири, обвинет во Монструм

by Fokus

Обвинителката Фатиме Фетаи денеска на судењето за Монструм го распрашуваше обвинетиот Хаки Азири, кој во текот на истрагата сведочеше за тоа како се случило петкратното убиство, но подоцна се предомисли и кажа дека тогаш сведочел под присила. Затоа обвинителката Фетаи го праша дали сега се плаши или се ослободил од стравот?

-Сега немам таков страв, се смени режимот и сега државата е послободна, рече Азири.

Фетаи го праша зошто доколку бил под присилба, изјавата која ја дал пред истражниот судија на 5 мај 2012 година е многу поопширна од онаа која ја дал пред три дена, а во која појаснува дека возел двајца од обвинетите кои му кажале дека убиле човек.

Разликата е и во тоа што тој првата изјава ја дал додека бил загрозен, а на 5-ти бара да му се тргне овој статус и покрај фактот што станува обвинет тој го повторува истото, дури во поширока варијанта.

Азири одговори дека не се сеќава зошто вториот пат зборувал поопширно, но повтори дека и двете изјави ги дал под притисок.

Обвинителката Фатиме со повисен тон го испрашувасе обвинетиот, бидејќи директно не одговараше на нејзините прашања, по што реагираше адвокатот Насер Рауфи и бараше обвинителката да го смени односот.

Обвинетиот не се сеќаваше ниту што јадел додека бил држан од полицијата изолиран во Кочани, појаснувајќи дека тогаш ниту доволно јадел и спиел. А кога бил во полициска станица во Автокоманда му дале сендвич за кој му рекле дека му го пратиле од дома.

Фетаи иронично забележа дека ова значи дека му дале да јаде, иако во тој период, според неговото кажување, го тепале и малтретирале.

На прашањето дали имал повреди од тепањето, Азири рече дека имал болка и црвенило по телото, а не знаел дали имал видливи повреди на лицето. Фетаи тогаш потпраша дали малку или многу го тепале, бидејќи не знаел да каже какви повреди имал. Тој возврати дека според него, многу го тепале, без да прецизира повреди.

В.В.

Поврзани новости