Фетаи на „Насилството во Центар“: Да го видиме решението за притвор на Јанева

by fokus

На денешното рочиште за случајот „Насилството во Центар“,  адвокатот Димитар Дангов побара од судот да се одложи главната расправа за предметот, бидејќи специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е во притвор.

-Сакам на судот да му дадам еден предлог. Причините се следни: Општо познато е дека специјалната јавна обвинителка Катица Јанева се наоѓа во притвор како осомничена во „Рекет“. Постои страв дека може да го повтори кривичното дело. Според законот за СЈО, Јанева врши надлежности на застапување на обвиненија во повеќе предмети, во кој е и конкретниот. Ова значи дека специјалната јавна обвинителка можела во сите, па и во овој предмет, да го повтори кривичното дело, поради што се наоѓа во истражниот затвор „Скопје“, рече адвокатот Дангов.

Тој додаде дека, според Законот за СЈО, само Јанева е надлежна за застапување на предметите.

-Со должна и искрена почит спрема обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, тие не го застапуваат предметот, туку специјалната јавна обвинителка, а таа е спречена. Она право што го нема Јанева, го немаат ниту останатите обвинители. Оваа правна ситуација претставува пречка за продложување на овој предмет а и на сите останати. Судот да донесе решение со кое ќе ја одложи главната расправа, бидејќи пречката што ја образзложив е пречка за одржување на главната расправа, бидејќи во овој предмет не постои овластен обвинител, рече адвокатот Дангов.

Во истата насока аргументираше и адвокатот Донче Наков.

-Решението за притвор предвидува и можно влијание врз сведоци. Истрагата трае, впрочем и присутните обвинители дадоа подршка за утврдување на вистината. Досега се сослушани двајца обвинители. Не знаеме дали било кој од останатите обвинители ќе бидат повикани за сведоци. Можно е и некој од обвинетите од предметите на СЈО да бидат сослушани како сведоци. Ова е доволно да ги запре сите понатамошни активности поради почитување на решението за притвор, рече Наков.

Тој додаде дека републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески ззаборавил да ја одалечи Јанева од функцијата штом завршила во притвор.

-Јавниот обвинител се одалечува од функцијата додека е во притвор. Писмено, заедно со други колеги ќе го исзвестиме републичкиот јавен обвинител, нешто што требаше да го направи уште во првиот час од одредувањето на притвор.

Апсурдноста е поголема што со понатамошно водење на предметите преку помошниците на специјалната јавна обвинителка директно е овозможено влијание врз сведоци, рече Наков.

Обвинителката Фетаи пак истакна дека најпрвин треба да се види решението за притвор, па потоа да се произнесат.

-Од страна на почитуваниот колега Дангов беа наведени основите за одредување на мерката притвор на специјалниот јавен обвинител, а особено дека постои опасност од повторување на кривичното дело.

Да се прибави решението за притвор за обвинителката Катица Јанева, да се види што точно се штити, па потоа да се види дали има некаква пречка за наше постапување. За вакво барање се имаме обратено и до Советот на јавните обвинители и се уште очекуваме одговор, рече Фетаи.

Судијата Душан Јосифов го одложи рочиштето за 10 септември.

В.В.

 

Поврзани новости