Фетаи денес се враќа во Македонија, дали обвинителката беше дел од отворањето на турнирот во Катар?

by fokus

Јавната обвинителка Фатиме Фетаи користела годишен одмор од петокот, и била во странство, а денес требало да се врати во земјата. Тоа го изјави во понеделникот Антонио Јолевски, претседател на Советот за јавни обвинители, кога појаснуваше дека се уште не добил писмена потврда од неа, дека ја повлекува својата кандидатура за шеф на Вишото јавно обвинителство.

Со самото тоа што Фетаи не е во земјава во време кога започна светското првенство во фудбал, кое се одржува во Катар, во јавноста се појавија шпекулации дека обвинителката, позната како страсен љубител на фудбалот, најверојатно се наоѓа на трибините на популарниот меѓународен турнир.

Дали навистина Фетаи не одолеала на можноста да присуствува на фудбалското првенство и заминала во Катар, не успеавме да добиеме потврда, и покрај тоа што „Фокус“ ја контактираше. Таа не одговори на прашањето дали присуствувала на свеченото отворање на настанот, голем спектакл кој поради високите цени на аранжманите во Катар, мал број на љубители на фудбалот од земјава си го дозволија.

За големата пасија на обвинителката кон фудбалот, пошироката јавност дозна годинава во март, кога таа беше прикажана во кадар заедно со претседателот на Основен суд Кавадарци Лазар Нанев и министерот за правда Никола Тупанчевски, во ложата на стадионот ,,Ренцо Барбера” во Палермо, Италија.

Тогаш во јавноста се отвори прашањето кој им ги платил трошоците на именуваните лица, по што Фетаи информираше дека сите трошоци поврзани со следење на фудбалски натпревари сама си ги покрива.

Во јуни, таа беше забележана и на трибините во Гибралтар, каде играше Македонија со домаќините на Лигата на нации.

Но, освен на фудбалски натпревари надвор од земјава, обвинителката и во минатото , уште додека беше дел од СЈО, во повеќе наврати беше забележана на натпревари во земјава. Пред околу пет години камерите ја фатија во кадар на стадионот во Струмица, кога Македонија играше со Албанија, во квалификациите за Светското првенство во Русија.

За првенството во Русија, во тогашна анкета на Независен.мк раскажа дека ќе навива за Шпанија, поради тоа што Италија нема да учествува.

-После италијанскиот, најмногу го ценам шпанскиот фудбал, откри тогаш обвинителката, која е позната како голем фан на ,,Милан”.

Фатиме Фетаи (37) е родена во гостиварското село Неготино, а е мажена во тетовското село Боговиње. Кариерата во областа на правото ја започнала во Апелациониот суд во Гостивар, од каде продолжила како обвинителка во основното обвинителство во Скопје.

Беше избрана од Катица Јанева како обвинителка во СЈО. Со своите модни избори, но и со послободните изјави во кои отворено раскажуваше детали од својот приватен живот, како на пример дека слуша турбофолк, пушти по три кутии цигари на ден, но и детали за бракот, таа го привлече вниманието на јавноста, но доби и поддршка поради играњето со отворени карти.

Инаку, Светското првенство во фудбал за прв пат се одржува во Арапскиот свет и ќе трае до 18-ти декември. Се очекувале околу 1.5 милиони посетители. Билетите се продаваат по доста високи цени, од 200 евра, па нагоре, а најскапи се оние за финалето, кои изнесуваат околу 1.500 евра. За жителите на Катар имало специјални попусти.

Вики Клинчарова

Поврзани новости