Фершпед на Накови ја продадоа винаријата Сковин на сингапурска компанија за 3,5 милиони евра

by Фокус 10:17
10:17

Скопската винарија Сковин, која беше во сопственост на шпедитерското друштво Фершпед, каде доминантен удел има семејството Накови, го продаде имотот, залихите и брендовите за околу 3,5 милиони, објави Македонска берза.

Според одлуката за склучената зделка, недвижниот имот (деловни и помошни простории и градежно земјиште), подвижниот имот (инвертар, возила и механизација) и залихите (шишиња и етикети согласно спецификација од 16 август годинава) се продадени за околу 3 и пол милиони евра на скопската фирма „Винарија Сковин Група“.

Што се однесува до трговските марки, односно до 20-те брендови на вино и жесток алкохол кои сега ги произведува „Сковин“ („Сан сити“, „Класик“, Фајнест селекшн“, „Барик“, „Премиум“, „Бег ин бокс“, „Бејзик лајн“, „Магнум лајн“, „Марков манастир“,„Жолта“), стои во известувањето, ќе му бидат пренесени на SIAK PTE LTD од Сингапур, за околу 5.000 евра.

- Advertising -

Инаку, продавачот Сковин и неговиот најголем акционер Фершпед му даваат право на купувачот да заснова заложно право врз продадениот имот за издавање банкарска гаранција во корист на Сковин која ќе биде на износ од скоро 2 милиони евра како обезбедување на плаќањата од купувачот.

Податоците од Централниот депозитар на хартии од вредност покажуваат дека 96 отсто на акциите на Сковин досега ги поседуваше Фершпед, каде, пак, меѓу најголемите поединечни акционери се двата сина на Штерјо Наков – Драган и Сашо Наков, кои поседуваат по 11,8 отсто од акциите.

Според податоците од Централниот регистар, пак, новиот сопственик на Сковин – Винарија Сковин Група, е формирана во јули годинава со седиште во скопски Карпош, со главнина од над 3 милиони евра и основна дејност за производство на вино од грозје.

Како сопственик на оваа компанија, чиј управител е Ѕвонко Пејчиќ, е друга компанија со назив Балкан Холдинг ПТЕ регистрирана во Сингапур, која најверојатно е поврзана со сингапурската компанијата SIAK PTE LTD, наведена како страна во зделката што ги добила правото за трговските марки на Сковин.

Продажбата следува откако минатата 2018 година винаријата ја заврши со загуба од 1,8 милиони евра, додека во 2017 и во 2016 година добивката изнесуваше незначителни 4-5.000 евра.

В.С.

Поврзани новости