Ферид Мухиќ: Немам страв, го критикував Тито, понижување е да одработувам!

by fokus

И за мене беше изненадување кое се случи пред два дена, вели Ферид Мухиќ во изјава за „Фокус“, универзитетски професор и кандидат за пратеник на листата на СДСМ, обелоденета на конгресот на социјалдемократите викендов.

Ферид Мухиќ е на високата петта позиција во втората изборна единица, заедно со Оливер Спасовски, Фросина Ременска, Мухамед Зекири.

Професорот Мухиќ тврди дека со лидерот на СДСМ Зоран Заев се сретнал во саботата попладнето, кога му било соопштено дека е поканет да влезе во трката за пратеник. Пред таа средба, како што вели, немал контакти со ниту една политичка партија.

„Вие, сакаме да настапувате како независен пратеник, да имате слобода во своите настапи во парламентот , раскажува професорот Мухиќ дел од средбата со лидерот на СДСМ на која, како што вели, му било образложено дека според интерна анкета, неговото име котирало мошне високо. Така паднала одлука да биде на кандидатската листа. Професорот решил, како што вели, да ја преземе одговорноста што од него ја побарале граѓаните. Колкава е поддршката од граѓаните, се уверил утрово:

„Телефонот не престана да ѕвони. Честитки од сите страни. Преспа е со тебе професоре, Битола, Скопје….“ вели Мухиќ.

Коментарите на Фејсбук дека Мухиќ е незаслужено на листата со оглед на тоа што во последниве години се вбројува меѓу интелектуалците кои одбраа молк, наместо критицизам против режимот на Никола Груевски, професорот вели дека ги доживеал како многу гнасен напад, како да станува збор за некоја зделка, или за нешто што го практикуваат револверашите – „Јас ќе убијам тројца, и ти за тоа ќе ми дадеш награда“, коментира професорот.

„Зарем е тоа единствениот начин, на кој некој може да придонесе во општеството?“, прашува професоорт кој смета дека овие вредносни критериуми ги наметнала политизацијата и дека тоа треба да почне да се менува.

„Јас немам страв. Уште пред 46 години сум го критикувал тогашниот социјализам и тоа во времето на Јосип Броз Тито. Зошто никој не кажа со кој гест сум го бранел груевизмот. Дали тоа е единствениот начин на кој се придонесува во општеството. Тоа ми наликува на некаков договор за зделка. Треба да се одработи за да се добие награда ?! Ако тоа треба да биде награда за која било позиција, тоа мене би ме понижило, јас не би прифатил такво нешто“, вели професоорт Мухиќ.

Кандидатурата на Мухиќ за пратеник, предизвика негодување и во редовите кај социјалдемократите. Освен молкот, на Мухиќ му се зема за грев и неговото поранешно членство во Социјалистичката партија, актуелен коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ.

Мухиќ го негира и ова тврдење. Вели дека не бил дел од партијата на Љубисав Иванов Ѕинго и дека тогаш како интелектуалец сакал да помогне во политичката кампања. Тврди дека не бил член на ниту една партија, откако во седумдестетите години решил да излезе од тогашниот Сојузот на комунистите. Потсетува дека тогаш отворено најавил дека нема да се откаже од своите планови за предавањата кои однапред му биле закажани на универзитет во САД.

 С.М.

Поврзани новости