ФЕЉТОН Контроверзна лустрација: Процесот на лустрација се претвори во лакрдија

by fokus 15:48
15:48

Парадигматичен пример беше тапијата која МВР му ја издаде на еден новинар со која се потврдува дека тој не бил соработник  на Службата, што претставуваше преседан и фарса во работата на тајните служби. Едноставно и јасно: никогаш на никого службите не издавале вакви потврди бидејќи тие не се земјоделска задруга или фирма за посредување на недвижен имот

Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Игра на мачка и глушец: Случаите од оперативната пракса на безбедносните служби претставуваат парадигма за сублимирано елаборирање на функционирањето на шемата соработничко досие – соработник за објект – оперативен работник. На прв поглед таа изгледа елементарна и еднонасочна, но во суштина е исклучително комплицирана и многуслојна, особено во однос на процесот на врбувањето на соработници.

- Advertising -

Секој искусен оперативен работник може без проблеми рутински да врбува лице кое доброволно се нуди за соработник, затоа што оценило дека има афинитет за ваква активност. Меѓутоа, работите не се едноставни во случај кога оперативецот треба да врбува лице кое одбива да соработува. Тогаш, во зависност од упорноста, инвентивноста и моќта на убедување, тој располага со два основни начини: да го „премисли“ типираното лице или, пак, на некој начин да го принуди или уцени.

„ОПЕРАТИВЦИ – ШИЛА“

Значи, поентата не е во „може“, туку во „треба“, затоа што оперативецот има потреба да врбува бидејќи знае дека без „живи јазици“ не може да ги извршува задачите и активностите од описот и пописот на неговото работно место. Нему му е сосема јасно дека нема шанси квалитетно и ефикасно да изврши ниту една десетина од работите, доколку нема човечки извори за собирање на информации, т.е. не изврши врбување на соодветни лица од корисни средини.

Тргнувајќи од овој факт, припадникот од Службата започнува да бара соодветни лица и да ги селектира, бидејќи точно знае какви профили му се потребни и за која цел ќе ги регрутира. Истовремено, совршено му е јасно дека е исклучително тешко да се врбува лице кое одбива да соработува.

Токму во оваа фаза се јавува и најголемиот проблем: да направи од идниот соработник свој пријател, но не во буквална смисла на зборот, туку играта со него да биде како мачка со глушец, а при тоа меѓусебните односи да се доведат до степен на доверба меѓу вистински пријатели.

Таквиот однос може да се изгради само доколку лицето кое се врбува лично ќе се убеди дека оперативецот не се занимава со бизарни работи, дека не е љубител на озборувања и гласини, не го интересира кој ја пцуе власта и кажува вицови за раководството на партијата, туку дека го интересираат многу поважни прашања и теми. На пример, зошто не се печати и преведува авангардна странска литература, зошто се забрануваат некои театарски претстави, кој од директорите ја злоупотребува функцијата за лични интереси и тн. и тн.

Се разбира, мора да се потенцира и фактот дека поголем дел од раководителите на службите, по правило, немаа афинитет и беа резервирани кон сериозните, инвентивни, аналитички и мислечки оперативци, а секогаш повеќе им се допаѓаа тн. „оперативци – шила“ кои можат да продират во секоја средина и имаат извонредно развиено чуство за детектирање на дисидентски, антидржавни и антипартиски искажувања и делувања.

Меѓутоа, без оглед на ваквата категоризација, во процесот на врбување постоеја одредени правила и основи. Првото и наједноставно беше идејно – политичката основа за која непостоеше никаква принуда од страна на припадникот на Службата, туку се работеше за взаемна согласност и симпатии.

АУТИСТИЧЕН АМБИЕНТ СО ПИЗМИ

Добар, грд, лош кодош: Клучното прашање дали треба да се отворат соработничките досиеа за сите поранешни (и сегашни) соработници на службите, произлегува од фактот што во еден ист список на лица кои соработуваат со службите фигурираат чесни и нечесни. Мотивите на првите биле искрени и добронамерни, а на вторите буричкање насекаде и денунцирање заради лична корист и интерес.

Во ваква реална ситуација, се наметнува прашањето каква е користа од отворање на досиеата за соработници, затоа што ќе се покаже дека за едни лица постојат досиеја, а за други не. И второ, се знае или може да се претпостави дека и меѓу оние што се чисти т.е. не постои досие за нив, имало соработници, што тие никогаш нема да го признаат.

Ете, од овие причини проблематично и ризично е да буричкаат разни комисии по картотеки и архиви со цел да утврдат факти, од едноставна причина што таков зафат претставува многу сложена интелектуална и експертска операција. А, постои и нешто друго, исто така многу важно. Службата врбуваше исклучиво лица кои беа корисни за конкретни работи, а речиси никогаш или многу ретко се случуваше некој оперативец да врбува лице без никаква врска и цел.

Постојат и категории на лица кои неможеа без блиски средби со Службата и со нив оперативците мака мачеа да ги откачат. Овие крлежи извлекуваа двојна корист за себе на тој начин што од една страна вршеа несанкционирани безобразлуци, а од друга сееја страв со своето експонирање и надменост со цел да предупредуваат и се закануваат во стилот: „Ме гледате, јас сум соработник на Службата и внимавајте како се однесувате со мене“.

Вакви подлизурковци и паразити ретко или скоро никогаш не се врбуваа, од едноставна причина што овие сурати немаа никаков афинитет за дискреција, тајност и деликатност на работата. Затоа тие и немаат досиеја, ниту псевдоними и регистерски број, но, без оглед на тоа, тие упорно самоиницијативно дошепнуваа, sвонеа, пишуваа и соопштуваа највалкани работи од кои настрадаа поголем број граѓани.

Во ваков аутистичен амбиент со пизми, досиеата за соработници станаа немилосрдни сведоци бидејќи во нив пишува и што навистина било, но и што не се случило: кој повеќе бил лојален на партијата отколку на семејството, кој за пари ќе ја продаде и родената мајка, кој и колку трошел на ороспии, алкохол, комар… но некако во основа сѐ се врти и сведува околу неколку клучни работи – моќ, привилегии, секс, кариера, хедонизам, одмазда, завист.

Досиејата сведочат кој што бил и што не бил, кој од ништо и никој станал нешто и некој и обратно, кој од голтар бил произведен во авторитет, од гладен станал сит, од мивка се трансформирал во господин, кој бил наградуван, кој и зошто стекнал општествен статус.

ОД ГЛАВИТЕ СИ ПАТИМЕ

Во таков извитоперан систем можно е сѐ – триумф на глупоста, доминација на лагата, релативизирање на вредностите, промовирање на ебиветри во месии, иницирање на лажни величини, херои и легенди, блудници во светци.

Во таков изопачен свет заслужните никогаш не стануваа битни и почитувани фаци и никогаш не добија пазарна вредност, не затоа што не заслужуваа или немаа капацитет, талент и ум, туку затоа што не можеа или не сакаа да го разберат или прифатат режимот.

Токму затоа, во новиот плурален систем се очекуваше демократизација и владеење на правото што ќе придонесат ваквите неправди барем делумно да се исправат, ако не на друг начин тогаш барем со симболична сатисфакција.

Меѓутоа, отворањето на соработничките досиеа и процесот на лустрација се претворија во лакрдија, политичка пресметка и компромитација преку манипулација во однос на жртвите, соработниците и со јавното мислење, затоа што регистрите за соработници на тајните служби останаа класифицирана информација.

Парадигматичен пример дека ѓаволот ја однел шегата беше тапијата која МВР му ја издаде на еден новинар со која се потврдува дека тој не бил соработник (кодош) на Службата, што претставуваше преседан и фарса во работата на тајните служби. Едноставно и јасно: никогаш на никого службите не издавале вакви потврди бидејќи тие не се земјоделска задруга или фирма за посредување на недвижен имот.

Во краен случај, ваков вид на информација може да се достави само до државен орган, бидејќи пресеанс листата се утврдува со закон. Во случајов излезе како да се бара уверение за државјанство или кантарска белешка за откуп на тутун.

Во ваква ситуација, со отворањето на досиејата се фрлија анатеми и посипаа фекалии, а кодошите се поделија на добри, грди и лоши, со што се создаде амбиент во кој е невозможно да се сфати обврската за заштита на соработниците и припадниците на службите.

Така се влезе во ќорсокак и џабе е да се повикува на политика на необјавување т.е. неотварање на досиеата на соработници која претставува канон за неоткривање на нивните и имињата на припадниците на службите и што од ова правило не отстапуваат и кон него се придржуваат стриктно сите респектабилни служби. Џабе е и навистина беспредметно.

Ако си патиме, од главите си патиме. Тоа е!

Продолжува:

БЛАСФЕМИЧЕН И НАЛУДНИЧАВ ЗАКОН (14)

Поврзани новости