ФЕЉТОН Контроверзна лустрација: Некрофилскиот аспект со лустрирање на починати лица

by fokus

Дали решението за кодош кое се врачува лично, треба да се закачи на надгробната плоча на покојникот или, пак, ќе се чека Свети Петар да им одобри викенд на мртовци за да можат лично да ги примат решенијата? И конечно, како покојникот може да вложи жалба до Управниот суд против решението од Комисијата?

Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Патриотско шармерство без покритие: Парадоксално, но антикомунизмот многу често може да биде полош и од комунизмот (парафразирано од Хавел), затоа што функционира токму според неговиот код – страст за освојување и задржување на власта. Според тоа, нашиот македонски антикомунизам во суштина се покажа како ретрокомунизам.

Веднаш по промената на системот самопрогласените месии поради фрустрација, завист и одмазда, од петни жили запнаа да ја негираат и ретушираат историската улога и значење на комунистите во создавањето на фактички првата самостојна македонска држава во 1944 година, благодарение на антифашистичката борба и здружувањето во Југословенската федерација.

За таа цел, „новите демократи“ свесно настојуваа да жртвуваат повеќе од 45 години од фактичкото егзистирање на Македонија како држава, обидувајќи се да направат трансформација со дисконтинуитет и со фалсификување на фактите да прикажат дека историјата на современата македонска држава започнала со нив.

ИНФАНТИЛНА ТЕЗА

Меѓутоа, од вистината не може да се побегне, исто како што неможе да се сокрие дека за независноста на Македонија во 1991 година не беа заслужни комунистите, а уште помалку „новите демократи“, туку таа беше резултат на дисолуцијата на Југославија. Оттука, инфантилна и патолошка е тезата дека Македонија била создадена во 1991 година.

Токму ваквиот нихилизам внесе забуна дури и кај оние соседи кои не ја признаваат македонската нација и јазик и упорно ја промовираат тезата дека тоа била српска измислица и творба на Коминтерната и Тито.

Ние на „најубав“ можен начин ги ,демантиравме‘‘ нивните тези со поместување на периодот на вистинското создавање: не Коминтерната и Тито пред седумдесетина години, туку современа Македонија била создадена многу подоцна, пред дваесет и кусур години! Господ да чува и од бетер, особено кога поради комплекси, одмазда и омраза се работи во корист на сопствена штета.

А вистината е една! Веднаш по победата над фашизмот, новата комунистичка власт во периодот од 1945 до 1947 година започнува со репресии, монтирани процеси и судења, со цел да ги елиминира истакнатите непартијци и граѓански ориентирани лица. Дел од нив биле превенирани како потенцијална опасност, а помалку активните инкорпорирани во новосоздадените трансмисиски механизми као што се Народниот фронт, Антифашистичкиот фронт на жените, Сојузот на комунистичката младина и други.

Меѓутоа, тие во овие нови организации биле потиснувани од кандидатите за членови во Комунистичката партија на Македонија (скоевци и т.н. напредни интелектуалци) кои всушност биле поткупени полуинтелегенти со различни лукративни понуди. На тој начин, покрај внатрешно – партиските пресметки во КПМ, се елиминирале и оние кои не биле комунисти, но активно учествувале и имале реална и значајна улога во НОБ и во создавањето на македонската државност.

Се проценува дека барем половина од вкупниот број на репресирани лица не биле од идеолошко – политички или класни причини, туку поради меѓучовечки причини и мотиви (завист, одмазда, кариеризам и сл.). Заклучокот се наметнува сам по себе: суштината на репресијата произлегувала од фактот што комунистичкиот режим во овој период не бил хомоген идеолошки систем од етичко – политички вредности и цели, туку систем на егоистични интереси и прагматични делувања за задржување на стекнатата власт.

„СЕЧА НА ДИРЕКТОРИ“

Во периодот од 1948 до 1953 година репресиите продолжиле заради реалната опасност од Информбирото, но со предтекст дека Сталин не бил во право што ја осудувал КПЈ. На тој начин се создала парадоксална ситуација, па режимот ги репресирал и оние кои не биле ниту сталинисти, ниту пак комунисти, туку биле само недоволно информирани и наивни. Истовремено, биле репресирани и оние кои биле добри комунисти, но Сталинисти.

По релативно затишје, почнувајќи од 1963 година повторно се случуваат неколку бранови на чистки, воглавно на партиски кадри, високи функционери и стопанственици кои се залагаат за економски и пазарни реформи.

Од нив најзначајни се антилибералните и антинационалистички чистки во првата половина на 70-те години, во кои во најголем број беа опфатени лица од категоријата технократи. Тогаш во тн. „сеча на директори“ во Македонија настрадаа повеќе успешни директори кои беа обвинети за технократизам. Во овој период се врши и интензивна диференцијација на јавни и културни работници и видни интелектуалци.

По смртта на Тито, Сојузот на комунистите на Југославија навлегува во длабока криза. Не постои единствена и цврста идеологија и интересна структура, ниту пак хомогена политичка агрегација за спротивставување на антирежимските, граѓански и опозициски сили и кругови.

Во периодот од 1980 до 1990 година се манифестираат национализмот, граѓанската десница, албанскиот иредентизам, македонскиот екстремизам и други категории на внатрешни непријатели, со што „контрареволуцијата перманентно тече“ сѐ до распадот на комунистичкиот систем во почетокот на 90-те години.

Основната цел на овој синтетизиран пресек за репресиите на комунистичкиот режим во еден долг период од 45 години е да се предочи дека секогаш треба да се има предвид постоењето на различни вистини во толкувањето на историските процеси. За среќа, во македонскиот јазик зборот „вистина“ е единствен, но спротивни антоними по значење има многу повеќе: невистина, полувистина, лага, измама, заблуда…, а најнов неологизам е спинување.

МОРБИДНО, НО ВИСТИНИТО

Во овој контекст, кодошењето како пежоративен поим има и повеќе други противречни, контроверзни, парадоксални и апсурдни страни. Вистински спектар од рошомонски бои: доушништво, цинкарење, поткажување, тастерисување, денунцирање, друкерство, свиркање, пеење…

И токму во такви околности и услови со релативизиран систем на вредности, провинцискиот менталитет има перцепција и убедување дека за сите наши недугавости и простатилуци се виновни кодошите. Во таков ирационален амбиент, многу лесно се злоупотребува и манипулира со феноменот кодош.

Доколку вистинската цел и мотив е да се спречи достап до јавни функции на лица кои соработувале со тајните служби, тогаш за да се прогласи некој за кодош мора да се утврдат и потврдат неспорни факти. Тоа значи дека Комисијата за лустрација ниту едно решение за соработнички однос не може да донесува со надгласување и врз основа на партиска кауза, импресии, волунтаризам, предубедувања или одмазда.

Посебен феномен претставува некрофилскиот, односно геронтолошки аспект со лустрирање на починати или лица во длабока старост. Која е целта? Дали окултен страв од можност за враќање од оној свет, односно страв од алхемиска машина на времето со која лицата од трета доцна животна доба ќе се вратат во цветот на младоста заради заземање на некоја важна јавна функција?

Дали решението за кодош кое се врачува лично, треба да се закачи на надгробната плоча или крстот на покојникот или, пак, ќе се чека Свети Петар да им одобри викенд на мртовци за да можат лично да ги примат решенијата? И конечно, како покојникот може да вложи жалба до Управниот суд против решението од Комисијата? Морбидно, но вистинито!

Се суди на еден режим кој реално траел 45 години, но според Законот за лустрација произлегува дека комунизмот во Македонија реинкарнирал и битисувал 62 година (според последната верзија на Законот, лустрацијата го опфаќа периодот од Првото заседание на АСНОМ на 2-ри август 1944. до 1-ви септември 2006 година, т.е. денот на започнувањето на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер).

ФИКС ИДЕЈА

Ваквиот пристап и резон, во крајна линија, освен патологија, значи ставање крст на сѐ што било, збогување засекогаш со минатото, заборавање на постоењето и обид историјата да започне да се пишува одново. Се менува системот и новите политички гарнитури негираат сѐ што било претходно, само затоа што не било нивно дело и не сакаат ништо да признаваат, почитуваат и веруваат во она што постоело, а во кое се колнеле нивните предци и родители, па во голем дел и тие самите.

А што се однесува до комунистичкиот режим тој навистина бил репресивен, па нормално било и сите негови полуги да бидат такви. Негови жртви воглавно биле сите оние кои се залагале за независна и целокупна Македонија во нејзиниот географски простор. Настрана од тоа што ваквата фикс идеја е смешна, бидејќи Македонија до 1944 година никогаш не била држава.

Од тогашен аспект, значи веднаш по завршувањето на Втората светска војна, а имајќи ги предвид тогашната политика на главните актери кои го победија фашизмот и ги определија новите граници на Европа и сферите на влијание, заложбите за некаква си целокупна географска Македонија биле фикција и илузија бидејќи за такво нешто немало ниту теоретска шанса.

Освен тоа, мора да се респектира логиката и политичката прагма дека секоја власт си го штити уставниот поредок што го воспоставила. Значи, илузорно, непромислено и инфантилно било пред 60 или 70 години, па и денес, да се бара поништување на Букурешкиот договор од 1913 година, барем поради три факти.

Првиот е што тогаш Македонија не била држава, туку територија во составот на Османлиската империја, што значи дека соседните држави ја зеле таа територија од неа и меѓусебно ја поделиле.

Второ, доколку хипотетички би се случило обединување на географскиот простор на Македонија, тоа фактички би значело и менување на постојните граници на Балканот.

Трето, доколку состојбата на теренот се врати пред сто и кусур години, тоа практично би значело дека Македонија (како една од сукцесорите на Србија која учествувала во потпишувањето на Букурешкиот договор) би требало да ги отстапи на Бугарија сите територии источно од Штип, како што биле воспоставените граници пред Првата балканска војна.

Тоа е голата вистина за патриотското шармерство без покритие!

Продолжува:

УДБА КАКО САТАНА И СВЕТЕЦ (12)

Поврзани новости