ФЕЉТОН Контроверзна лустрација: Многу оперативци имаат лични архиви со досиеа

by fokus

Кога ќе дојде време за дерегистрација, соработникот се брише од евиденцијата, а прирачното досие за него останува кај оперативецот додека има потреба за него.Кога таа потреба ќе престане, оперативецот го уништува досието или пак го фотокопира пред уништување на оригиналот, а фотокопијата ја зема со себе или едноставно оригиналот го задржува кај себе

Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Не постои класично интегрално досие за соработка со тајните служби: Тоа е само матафора или привид. Всушност, постои нешто како прирачно досие за соработка кое се наоѓа кај оперативецот кој контактира со оперативната врска, но тоа постои само додека трае соработката.

Кога таа од било кои причини ќе престане, тогаш се укинува и оперативната обработка за лицето за кое бил ангажиран соработникот (починало, се отселило во друг град или држава, го променило работното место или пак едноставно престанала потребата за негова обработка, односно случајот бил бил расветлен и реализиран), по што прирачното досие комисиски се уништува.

Соработникот се брише од евиденција, а извештаите под неговиот псевдоним остануваат во едно или најчесто се наоѓаат во повеќе досиеа, зависно од тоа за што и за кого се однесувале добиените информации. Се разбира, прирачното досие може да биде злоупотребено со фотокопирање и присвојување од оперативецот, но тоа е тема која навлегува во сферата на кривична одговорност.

СОРАБОТНИКОТ „БУМЕРАНГ“

Поедноставено, оперативецот го ангажира соработникот „Бумеранг“ и отвора прирачно досие во кое ги одложува сите добиени информации од него и за тоа изготвува извештај во еден примерок и го сместува во ова досие.

Останатите добиени информации од „Бумеранг“ одат во различни досиеа: доколку соработникот  разговарал со бугарски дипломат, извештајот се одложува во досието за тој дипломат ако тој е под третман на Службата или, пак, во некои други ако се работи за обработка на објект или некое оперативно истражување; доколку пак „Бумеранг“ имал средба со некој грчки бизнисмен од интерес на Службата, тогаш добиените информации за соработникот се одложуваат во досието на бизнисменот.

Постојат и многу други варијанти, но поентата е во тоа што кога ќе дојде време за дерегистрација, соработникот под псевдоним „Бумеранг“ се брише од евиденцијата, а прирачното досие за него останува кај оперативецот додека има потреба за него (на пример, може да му послужи за некоја друга оперативна задача).

Кога таа потреба ќе престане, оперативецот го уништува прирачното досие или пак го фотокопира пред уништување на оригиналот, а фотокопијата ја зема со себе или едноставно оригиналот го задржува кај себе. Друго нема! Затоа и многу поранешни оперативци имаат свои лични архиви со досиеа.

И што се случува понатаму? Комисијата за лустрација го бара досието за „Бумеранг“ и добива одговор дека службите за контраразузнавање и разузнавање или Државниот архив не знаат за такво досие, односно го немаат. Тогаш единствено останува теоретска шанса на некој начин да се реконструира досието „Бумеранг“, но тоа е возможно само ако оперативецот ја прочешла целокупната архива на Службата т.е да прочита илјадници досиеа и документи и од нив да ги селектира сите негови извештаи.

Но, и тука не е крајот, бидејќи доколку оперативецеот не ги почитувал правилата на Службата и ја уништил Одлуката за регистрирање на соработникот или, пак, можеби си ја земал со себе (што во никој случај нема да го признае, бидејќи тоа претставува кривично дело).

Дури и да има досие за соработникот и да може да се открие неговиот идентитет, се поставува едно големо, сериозно и логично прашање: зошто тоа да се прави, имајќи предвид дека кодоши имале и ќе имаат сите служби и дека тој фамозен кодош не е ништо априори лошо и неморално, а уште помалку криминално или казниво. Значи, не треба да се коле вол за еден бифтек.

БЛАГОРОДНА ИДЕЈА

Централното прашање е сепак дали досиеата за соработниците на тајните служби треба да се отворат или не? Тоа има приврзеници  и противници. Оние кои се „за“ како главен аргумент го наведуваат утврдувањето на лицата кои преку соработка со тајните служби ги кршеле или ограничувале основните права и слободи на граѓаните од политички или идеолошки причини во периодот на комунистичкиот режим и од политички, идеолошки и партиски причини од осамостојувањето на Република Македонија до денот на започнување на примената на Законот.

Со еден збор, целта е соочување со минатото во посткомунистичките држави и демонтажа на комунистичкото минато, а со тоа и оневозможување на оние кои соработувале со тајната полиција да бидат избирани или именувани на јавна функција. Гласна, јасна и благородна идеја и заложба.

Да, ама не, затоа што периодот на комунистичкиот режим во Социјалистичка Република Македонија траеше до 8 септември 1991 година кога со референдум официјално се конституира суверена и самостојна Република Македонија. Или можеби комунистичкиот режим траел до почетокот на 2008 година кога започнува примената на Законот за лустрација?

Нешто тука не штима, зарем не? Исто како што е лажна тезата дека обврската за донесување на ваков Закон произлегувала од двете резолуции на Парламентарното собрание на Советот на Европа, кои не беа никаква обврска, туку само препорака.

Извори за создавањето на соработничко досие: Постојат три вида регистри за соработници: за активни, пасивни и за дерегистрација. Во однос на оперативните документи (службена белешка, оперативен извештај и сл.), не е спорна нивната веродостојност, туку нивната веројатност како резултат на склоноста на оперативците да преработуваат, измислуваат, реинтерпретираат делови од разговор, да ги изместуваат поентите и сл. со цел да исполнат одредена норма или да се докажат.

Многу е битно да се знае дека досието за лицето во обработка, односно следеното лице е различно од соработничкото досие и дека следеното лице не може истовремено да биде и соработник, затоа што овие две категории се сосема различни. Имено, лицето кое било под посебна оперативна обработка мора претходно да се дерегистрира, па дури потоа може да се ангажира за соработник и тоа со претходна негова и согласност од најмалку двајца хиерархиски претпоставени од Службата.

Услов да се врбува – ангажира е лицето свесно, доброволно и со определена цел да собира информации врз принцип на доверба. Со прифаќањето на соработката, лицето добива псевдоним кој се разликува од оној што го имало како лице под оперативна обработка.

ТРИ НИВОА НА СОРАБОТКА

Соработката со Службата за државна безбедност имаше три нивоа: пријателска или општествена врска, оперативна врска и соработничка,  односно соработник – резидент.

Пријателската врска воопшто не се третира како информатор или соработник, туку само како лице кое од лични мотиви и причини доставува информации на Службата.

Оперативната врска е најниска форма на класична соработка и се однесува на лице кое презентира одредени информации на пријателска, роднинска, материјална или компромитирачка основа. Информациите кои ги дава ова лице на оперативниот работник – инспектор, се пишуваат како „Службена белешка“, по правило со целото име и презиме на изворот на информации, освен во случаи кога информаторот е посебно докажан според квалитет и квантитет на доставени- те информации, поради што му се определува псевдоним со цел да се заштити неговиот идентитет.

Соработник претставува повисок степен на соработка и означува лице кое има воспоставено класичен соработнички однос со Службата, што претполага негова претходна потврдена согласност, лојалност, оперативност и корисност како оперативна врска. Ангажирањето на соработник се одвива по посебна процедура која опфаќа: потпишување на писмена изјава за соработка, детално запознавање со дејноста, мерки и активности кои ќе ги презема Службата и инструкции за натамошна работа.

По овој статус, соработникот станува еднаков по ранг на оперативниот работник на СДБ, а често пати и повеќе од тоа, може дури и да учествува во плански активности на Службата, освен во класични акции поради немање на правен статус. Тој од страна на Службата има целосна заштита на неговиот интегритет. Информациите кои ги доставува се оформуваат како „извештаи“ подготвени лично од него или пак од оперативниот работник кој ја одржува врската со него.

По воспоставувањето на соработничкиот однос што се констатира со посебна службена белешка, на соработникот му се дава псевдоним кој по правило означува некаков карактеристичен белег, особина или асоцијација на лицето – соработник. За него се води посебно соработничко досие во кое се одлагаат (внесуваат) најважните материјали од воспоставената соработка.

ДОСИЕЈАТА ЗА ДВОЈНИ СОРАБОТНИЦИ

Соработник – резидент е највисокиот степен, затоа што лицето покрај соработничкиот однос, истовремено држи на врска и раководи со други оперативни врски или соработници, ангажирани од него лично или по препорака на Службата. Ова лице има посебен степен на заштита и привилегии.

Како посебна категорија може да се издвојат досиејата за двојни соработници преку кои Службата воспоставуваше т.н. двојни комбинации со ривалските служби, што се сметаше за врв на успехот бидејќи со такви комбинаторики се доаѓаше до најголемите тајни на противниците.

За службата битни беа соработниците кои работеа на контраразузнавачки и разузнавачки план. Првите се насочуваа кон странските агентури кои делуваа на територијата на нашата земја, а оние кои работеа на разузнавачки план се вградуваа во странски безбедносни институции и релевантни меѓународни организации кои носеа важни одлуки од безбедносно и политичко значење за нашата земја.

Според правилата на службите, за лицата ангажирани како оперативни врски, соработници или резиденти се водат посебни досиеја во кои се внесуваат најважните материјали поврзани со нивниот ангажман и статус. При тоа, главното досие се наоѓаше во Службата која ја води соработката, додека во останатите служби (сојузни, републички или покраински) кои беа инволвирани во водењето на соработката, се водеа помошни досиеја.

За ангажманот на овие лица Службата по правило ги покриваше материјалните трошоци направени во врска со извршувањето на поставените задачи, а за значајни информации, докажана лојалност, храброст и способност или учество во особено ризични акции, им се доделуваше посебна парична награда од касата за специјални издатоци.

Освен тоа, за посебно корисни и докажани соработници, службите помагаа и во решавање на други статусни прашања или лични проблеми (признавање на работен стаж, помош за нивните семејства, запирање на кривични или прекршочни постапки, овозможување на одредени други привилегии за нив или за членови на потесното семејство).

Продолжува:

НЕУКОСТА, ГЛУПОСТА И ПОРИВОТ ЗА ОДМАЗДА НА ЛУСТРАТОРИТЕ (10)

Поврзани новости