ФЕЉТОН Контроверзна лустрација: Дијагнозата „MACEDONISE DENUNCIANTE“

by fokus

ДИЈАГНОЗАТА  „MACEDONISE DENUNCIANTE

(Case study Macedonia)

Суровата политичка реалност покажа дека Законот за лустрација наместо исправање на грешки и неправди преку прочистување, се трансформира во крајно штетен со лични и сокриени цели на реваншизам и политичко елиминирање на неистомислениците

Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Ќе започнам со една лична констатација од денешна гледна точка во однос на контроверзниот процес на лустрацијата.[1] Да, тој беше неопходен, ама во почетокот на 90-те години од минатиот век кога Македонија стана независна држава со нов повеќепартиски систем.

Тогаш требаше да се ограничи кандидатурата и вршењето на јавни функции на лицата кои во претходниот систем вршеле политички злоупотреби преку соработка со тајните служби. Но, тоа не се направи, главно, поради менталитетот и политичката култура на елитата која доминантно беше обликувана во комунизмот, во еден добар дел и под влијание на службите.

КОНТРАПРОДУКТИВЕН И ДЕПЛАСИРАН ЗАКОН

Дури многу подоцна,  на еден политичар од претходниот систем кој одлично се приспособи и во новиот бидејќи имаше вродена и стекната социјална интелигенција, му текна да покрене иницијатива за донесување закон за оваа мошне чуствителна сфера. Убеден сум дека тој воопшто не ја имал предвид целисходноста, односно бесмисленоста и последиците од донесување на ваков контрапродуктивен и депласиран закон по толку изминат период од напуштањето на стариот и градење на нов општествено – политички и економски систем.

Но, сепак, сакам да верувам дека причините и мотивите му биле добронамерни и искрени, дека политички не бил наивен што всушност предлага, па денес веројатно и самиот би признал дека со таа негова иницијатива ептен ја закашкал работата. Веројатно самиот ќе се согласи да биде покајник и да го признае тогашниот момент на слабост и непромисленост.

Едноставно, сите сме грешни, па и овој политичар со огромно искуство и препреденост  не можел да претпостави во какво чудовиште ќе се изроди неговото авторство. Сигурен сум дека тој искрено верувал во корисноста на неговата задоцнета иницијатива, а таквото негово лично убедување уште повеќе се зацврстило откако новиот закон беше прифатен и изгласан со консензус во  Собранието на Република Македонија.

Меѓутоа, суровата политичка реалност покажа дека Законот за лустрација наместо исправање на грешки и неправди преку прочистување, се трансформира во крајно штетен со лични и сокриени цели на реваншизам и политичко елиминирање на неистомислениците.

Тоа го констатира и Уставниот суд кој укина поедини одредби, но владеачкото мнозинство ги игнорираше одлуките според логиката: „не е битно што одлучува, важно е како ние ги читаме и спроведуваме тие одлуки“, се напна и на мускули донесе нов многу поригорозен закон.

Со него целосно се разобличија перфидните намери и на површина излегоа вистинските подли цели и примитивниот менталитет. А тие беа прекројување на македонската историја, особено поновата, со структурирање на едноумна партиска држава слична со претходниот режим, чиј систем на владеење јавно го анатемисуваа, но интимно му се восхитуваа. Класична шизофренија, лице и опачина на иста монета. Разликата е само во нијанси и варијации.

Додека комунистичкиот режим за реализација на сопствените цели настојувал да сотре било какво поинакво мислење, за што како инструмент користел насилство и застрашување, новите дечки користат законски акти, казни и заткулисни активности. Но, заедничките допирни точки и кај двата системи концентрација на  целата власт кај мала групација која ќе контролира и управува со сите области во животот врз кои ќе има решавачка улога и влијание.

ЦЕЛТА БЕШЕ „ТРИ ВО ЕДНО

Амбицијата на новите е да функционираат и да владеат како старите, ама во поинаква постмодернистичка варијанта. Затоа и интимно им се восхитуваат и ги имитираат, а јавно ги оцрнуваат и екскомуницираат. Љубов и омраза истовремено.

Затоа лустрацијата започнаа да ја практикуваат како инструмент за одмазда и отстранување на политичките неистомисленици, верувајќи дека на тој начин ќе ја излечат фрустрацијата од својата губитничка и инфериорна позиција во блиското минато, дека ќе успеат да прикриваат денунцијанти од својот табор и да го избришат темното минато од биографиите на  анти – хероите премачкувајќи ги со светла боја со надеж дека нивните дотогашни животописи ќе светнат како бели ангели.

Ѓаволската работа започна успешно, а се укина предвремено и тоа по провидно и итроманско барање на власта. Целта беше „три во едно“: амнестирање на членовите на Комисијата и Управниот суд, заштита на кодошите од сопствените редови и сокривање на политичко-мафијашко-полициската симбиоза во лустрацискиот процес.

Најголемиот ефект се постигна со отворањето на досиејата и лустрација на соработниците на безбедносно – разузнавачките служби[2]. Наместо рационално, овие два процеси се доживуваа емотивно, со злоба, погрешно и како исклучиво иманентен за тајните служби и нивните соработници.

Поради ваквата пежоративна перцепција и убедување, категориите Служба и Кодош се жигосуваа како најголеми, дури и единствени виновници во кршењето на човековите права и за сите небиднини и премрежија што се случувале во претходниот општествено – политички систем.

При тоа, воопшто не се става на дневен ред и евентуалното можно отворање на досиејата за соработници на Службата за јавна безбедност, а уште помалку и на други државни институции и претпријатија во областа на стопанството, финансиите, образованието, здравството, медиумите и тн., кои освен што воделе разновидни персонални досиеја за своите вработени, институционално на големо ги кршеле нивните човекови права и вршеле различни криминогени активности.

Продолжува:

ГОЦЕ ИЛИ ДАМЕ – ЕДЕН ОД НИВ МОРА ДА БИДЕ ЛУСТРИРАН! (2)

[1] Првично донесениот Закон во 2008 година и подоцнежната актуелна варијанта во 2012 година која гласи: „Закон за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на  соработката со органите на државна безбедност“ (Службен весник на РМ, број 86 од 09.07.2012 година)

[2] Безбедносно – разузнувачките служби ги опфаќаа цивилните и воени организации со доминантна улога на политичката полиција. Нивна претходница е ОЗНА (Одделение за заштита на народот), формирана во 1944 година, која по 1946. е поделена на цивилна УДБА (Управа за државна безбедност) и воена КОС (Контра обавештајна служба) како нејзини сукцесори. Во 1949 год. во рамките на Сојузниот секретаријат за надворешни работи е формирана и СИД (Служба за истражување и документација) како разузнавачка служба во рамките на југословенската дипломатија, со која бил заокружен безбедносно – разузнавачкиот систем.

Денешни правни наследници во Република Македонија се УБК (Управата за безбедност и контраразузнавање) во рамките на Министерството за внатрешни работи, потоа АР (Агенцијата за разузнавање) и ВСБИР (Воена служба за безбедност и разузнавање) при Министерството за одбрана.

Поврзани новости