ФЕЉТОН Контроверзна лустрација: Да се донесе нов закон за лустрација на лустрацијата

by fokus

Со одредбите за работењето на сегашната Комисија за верификација на факти ќе се овозможи разобличување, со цел сегашните и идни генерации да можат да видат како и зошто биле прикривани вистинските кодоши, а се измислувале наводни кои биле морално етикетирани и жигосувани од страна на Комисијата и нејзиниот нелегитимен претседател.

Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Лустрација на лустрацијата: Наведените основни и битни прашања ќе останат отворени сѐ додека не се прекине голготата со процесот на ваквата квази – лустрација и не се отвори постапка за политичка и друг вид одговорност на нејзините актери. А тоа мора да се стори бидејќи реалноста со рожбата на „Розмариното бебе“ предизвика огромни штети, компромитации, апсурди, пизми и парадокси кои резултираа со општа атмосфера на кодошоизација.

Од една страна, страв кај поранешните жртви, а од друга охрабрување на поранешните вистински соработници без наводници, кои Комисијата селективно ги селектира од процесот на лустрација за да можат да продолжат со кодошење.

Од трета страна, со Законот за лустрација се поттикнува создавање на нова генерација кодоши, како што е примерот со најновиот Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, но и со други закони со кои се пропишуваат високи парични казни за сите граѓани кои не ги пријавуваат (кодошат) соседите.

СЕ АМНЕСТИРААТ КОНВЕРТИТИТЕ

Според мое мислење, можеби најголем парадокс претставува фактот што многу од тие жртви кои биле критичари и на претходниот режим, такви останале и кон гарнитурите на власт во самостојна Македонија, сега по втор пат стануваат жртви, а се продолжува да се стимулираат и амнестираат конвертитите. Тука е и клучот зошто парламентарците од власта станаа законски татковци на „Розмариното бебе“.

Притоа, за волја на вистината, воопшто не сум сигурен, но можам да претпоставам како би се однесувала опозицијата да беше не нивно место, уште повеќе што за првата верзија на Законот гласаше и таа и тој беше донесен со консензус.

Крајниот заклучок е основаното сомнение дека ниту власта, ниту пак опозицијата не сакаат спроведување на вистинска транспарентна и непристрасна лустрација. Не сакаат, затоа што со неа ќе се откријат тајните на нивното трансформирање, конвертитство и стекнување на моќ и богатство, што во голем дел било со директна или посредна помош од тајната полиција.

Па ако е веќе така, а апсолутно е така, тогаш би било сосема разумно прагматично и опортуно да се прекине со отворањето на досиеата за соработка со тајните служби или, пак, како супститут на сегашниот накараден и бесмислен Закон да се донесе нов за лустрација на лустрацијата.

Доколку се прифати првата опција за запирање на отворањето на досиеата,  односно поништување на Законот, образложението ќе биде многу издржано и логично барем во две основни поенти.

Првата е дека идејата за сегашниот Закон беше зачната во грев и многумина се излажаа или беа заблудени дека со отворањето на досиеата ќе се доживее душевна катарза и ќе се исправат сите неправди.

Втората поента е дека овој Закон претставува голема Пандорина кутија од која злите духови повеќе од седум години го делат и создаваат омраза во македонското општество.

За операционализација на оваа опција постојат барем две практични варијанти. Едната е тие да се уништат, каков што беше примерот во Грција каде сите досиеа без да се отвараат беа запалени, а втората е според примерот во Шпанија каде сите досиеа беа запечатени за период од сто години.

Ваквата опција се темели врз искуството од досегашниот македонски уникатен принцип на тн. креативен индивидуален пристап. Со него, по кој знае кој пат, се покажа дека во недоизградена и делумно слободна држава во секој миг може да се реактивира симптомот и дијагнозата на болно општество, односно синдромот на кодошизација.

КАФКИЈАНСКАТА АТМОСФЕРА

Оттука, без дилема, вистинската терапија за дијагнозата Macedonise Denunciante е Законот за определување на дополнителен услов за вршење јавна функција да се поништи и стави ad acta, тапиите за сите досега изгласани и жигосани кодоши да се прогласат за ништовни и како сатисфакција да бидат морално и метеријално обештетени.

Во спротивно, со сегашниот Закон и неговата „креативна“ примена од страна на членовите на Комисијата, ќе продолжи Кафкијанската атмосфера и може да се случи сите оние кои кодошеле во периодот од примената на Законот до денес, иако де факто и де јуре биле кодоши, „согласно законот“ да не добијат тапии за таквата нивна дејност, туку многу лесно да се трансформираат во заштитени или загрозени сведоци против своите жртви.

Доколку, пак, се одлучи за варијантата да се донесе нов Закон за лустрација на лустрацијата, тогаш тој би бил супститут на сегашниот, во чии општи одредби би се уредувале потеклото на имотот и периодот на активно делување во политиката, како и работењето на сегашната Комисија за лустрација.

Постапката за утврдување и објавување на потеклото на нивниот имот, со која ќе се разобличи неправедната првобитна акумулација на капиталот, криминалната приватизација и воопшто нелегалното збогатување, ќе претставуваат основа за нивно исклучување од процесот на одлучување, односно забрана во одреден разумен рок за учество во јавниот и политички живот те. вршење јавна функција.

Со одредбите за работењето на сегашната Комисија за верификација на факти ќе се овозможи разобличување, со цел сегашните и идни генерации да можат да видат како и зошто биле прикривани вистинските кодоши, а се измислувале наводни кои биле морално етикетирани и жигосувани од страна на Комисијата и нејзиниот нелегитимен претседател.

Во казнените одредби од овој Закон треба да се предвидат соодветни морални и кривични санкции заради злоупотреба на службената должност за сопствени политички и лукративни цели.

Продолжува:

КРИВИЧНА ОДГОВОРНОСТ  НА КРЕАТОРИТЕ НА ИНКВИЗИТОРСКАТА ЛУСТРАЦИЈА (16)

Поврзани новости