ФЕЉТОН Контроверзна лустрација: Бласфемичен и налудничав закон

by fokus

Доколку некој убав ден се изврши општа лустрација, дилемата за сите верификувани жртви целосно ќе се разобличи. Тогаш  и сите досегашни политички гарнитури на власт од осамостојувањето до денес ќе бидат многу изненадени, навредени, дури и шокирани кога ќе се објават податоците на нивните хипотеки

Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Розмарино бебе: Задоцнетиот, анахрон, парадоксален и со многу небулози, историски дилеми и контроверзи Закон со кој се определува дополнителен услов за вршење јавна функција, го донесоа пратениците од владеачкото мнозинство во Собранието на Република Македонија.

Иако беше противуставен (во чл.23 од Уставот се вели дека „Секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции“), противправен (со него се кршат повеќе темелни принципи на владеење на правото како што се ретроактивноста, еднаквоста и правната сигурност) и парадоксален (соработката со службите никогаш и никаде не претставувало законски забранета и санкционирана активност), народните избраници во оксиморонски дух на Новото време изгласаа бласфемичен и налудничав закон.

Со тоа станаа законски татковци на ова „Розмарино бебе“, а нивни in vitro татковци (репродуцери) се сите членови на Комисијата за лустрација. Таа наместо да верификува (потврдува) факти за соработка со тајните служби, за што постојат точни и мерливи инструменти (потпишана согласност, континуирана соработка и материјална или друга корист од неа), започна и продолжи да врши масовен, некомпетентен и селективен прогон и одмазда на неистомислениците.

ЛОВ НА ВЕШТЕРКИ

Наместо одлуките да се усвојуваат со консензус, се гласа „демократски“ и со надгласување се стигматизираат лица со лепење на етикета кодош. Имало и случаи кога голем број записници не биле усвоени, но претседателот на Комисијата изготвувал решение за официјална тапија со која конкретното лице јавно се става на столбот на срамот на нејзината веб страница, нечекајќи конечна одлука од Управниот или Врховниот суд.

Конечно, Комисијата дрско ги злоупотребува службените овластувања со директно кршење на Законот за лустрација, бидејќи самоволно го прошири опфатот на лицата со починати и пензионирани лица.

Реторичките прашања за многубројните контроверзи воопшто не заслужуваат одговори, затоа што сами по себе се јасни и недвосмислени, но заради растерување на маглата и дисецирање на проблематичноста, ќе наведам само некои неспорни факти:

Прво, сите категории на „внатрешен непријател“ во комунистичкиот систем се дефинираа од Идеолошката комисија на Сојузот на Комунистите,  а службите само ги идентификуваа и операционализираа лицата кои делуваат од такви позиции;

Второ, Програмската ориентација и цели на службите исто така ги определуваше единствената владејачка партија;

Трето и најбитно, службите работеа согласно Уставот, законите, Правилникот за работа и Упатството за постапката и начинот на примена на оперативно – технички средства и методи од работниците со посебни должности и овластувања, што значи според принципите на легитимитет и легалитет.

Е, сега следуваат прашањата: Зошто примарно се анатемисуваат службите кои легитимно и легално биле во функција и го штителе уставниот поредок и партијата на власт? Зошто инстументализацијата на службите за пресметка со разни категории на внатрешни непријатели (кои ги детерминирала поранешната единствена партија на власт) продолжи и по осамостојувањето на Република Македонија? Како е можно лустрацијата да ги опфаќа сите лица кои соработувале со службите, односно имале соработнички досиеа?

Одговорот на првите две прашања е недвосмислен. Очевидно е дека се работи за анахронизам, невидено лицемерие и лов на вештерки. Во сите системи во кои власта ги инструментализира и злоупотребува тајните служби, соработниците (кодошите) имаат второстепена, па дури и сосема епизодна улога затоа што се работи за деформација на политичкиот систем, а не само на службите кои се дел од таквиот накараден систем.

ЛИЧНИ ПРОЦЕНКИ И ТОЛКУВАЊА

Одговорот на третото прашање ќе биде подетален и поисцрпен. Исчашената логика според која лустрацијата треба да ги опфаќа сите лица кои соработувале со тајните служби, воопшто не дава сигурност дали навистина било стопостотно така како што пишува во службените белешки и извештаи.

Сомневањата и резервите од ваков тип произлегуваат од фактот што службите користат две категории на извори за сознанија и информации кои по својата суштина се потполно различни. Првата е пријателска врска која не мора да знае дека разговара со припадник на службата, а втората е соработник кој знае и свесно дава информации.

За оваа категорија неопходно е прво да се изготви предлог за ангажирање од страна на оперативен работник кој хиерархиски се доставува за одобрување, при што се дефинира времето и начинот на остварување на контактите. По заокружувањето на овој процес предлогот се доставува до министерот за согласност, по што доколку министерот се согласил, соработникот потпишува изјава, се регистрира, му се дава псевдоним и се вклучува во соработничката мрежа.

Доколку лицето кое се ангажира за соработник претходно било објект на обработка и интерес на Службата, тогаш неговиот нов статус на соработник мора да се пререгистрира со нов псевдоним.

Имајќи ги предвид наведените правила, се наметнуваат неколку основни дилеми. Зошто доказите за соработка произлегуваат единствено од досиеата на жртвите и тоа често без нивна потпишана изјава за тајна соработка? Уште повеќе, која е валидноста ако се претпоставува или знае дека во голем број случаи податоците биле добиени со принуда, уцена и закана? Конечно, зошто како доказ за соработка се користат нецелосни парафразирани изјави од принудни информативни разговори како и од лични проценки и толкувања, наместо факти?

ЛУСТРАЦИСКАТА МЕТЛА

Па, токму ваквата исчашена логика го роди накарадното „Розмарино бебе“ т.е. изитоперена лустрациска процедура. Наместо првин да се рехабилитираат и обештетат жртвите кои биле стигматизирани како национални предавници и туѓи платеници, со умисла практично се амнестираат нивните прогонувачи и џелати.

Се разбира, во овој контекст логично се наметнува и дилемата дали оние кои се верификувани како жртви, навистина ама баш сите топтан биле патриоти и демократи?

Затоа, доколку некој убав и нормален ден се изврши општа лустрација, дилемата за сите верификувани жртви целосно ќе се разобличи. Тогаш исто така и сите досегашни политички гарнитури на власт во Република Македонија од осамостојувањето до денес ќе бидат многу изненадени, навредени, дури и шокирани кога ќе се објават податоците на нивните хипотеки.

Посебно прашање без валиден одговор е зошто лустрациската метла опфаќа широк спектар од разни професии и занимања, наместо само кандидатите и оние кои извршуваат јавна фукција?

 

Дури Комисијата олицетворена во нејзиниот претседател, забега и во таква ступидност што не прави разлика меѓу јавна функција и јавна служба, па бара сите лустрирани професори и академици да бидат отпуштени од работа, односно да им се забрани вршење на професијата.

Според оваа патолошка логика и хигиеничарите од Градска чистота вршат јавна служба, па би требало и тие да го поминат лустрацискиот филтер. А што да се каже за слободните уметници кои се јавни личности? И на нив ли треба да им се одземе правото да творат?

Но, одмаздолубивоста ја помати свеста, па по автоматизам секоја соработка со службите Комисијата ја третира и прогласува за незаконска и неморална, а сите кои ќе се здобијат со статусот кодош се жигосуваат како најголеми виновници за сите досегашни македонски небиднини и премрежија, поради што денешните служби се најдоа во ситуација веќе никој да не сака да соработува со нив.

Логично и очекувано: Службата која ќе ги објави имињата на своите соработници, веднаш може слободно да се затвори и стави клуч на бравата, бидејќи веќе никој нормален нема ниту на сон да помисли да биде нејзин соработник.

Продолжува:

ДА СЕ ДОНЕСЕ НОВ ЗАКОН ЗА ЛУСТРАЦИЈА НА ЛУСТРАЦИЈАТА (15)

Поврзани новости