ФЕЉТОН: Амнестија на Иванов или амнезија на криминалот?

by fokus

На 12 април, Иванов објави општа аболиција на 56 лица, со која најмногу беа опфатени политичари засегнати од истрагите на СЈО, неколкумина политичари од опозицијата, а имаше дури и сведок (Коста Крпач), кој не беше предмет на кривично гонење. Оваа одлука на Иванов беше дочекана со жестока реакција на домашната јавност и на меѓународната заедница

Гордана ДУВЊАК

Откако на 18 март 2016 година Уставниот суд му го врати на шефот на државата правото на аболиција, претседателот Ѓорге Иванов изјави дека нема намера да помилува лица кои се вмешани во изборни нерегуларности.

Евентуалната одлука на Иванов да ги помилува обвинетите за изборни манипулации ќе биде и во спротивност со улогата на Специјалното обвинителство, рече тогаш портпаролката на европскиот комесар за проширување, Маја Коцијанчич.

„Таквиот потег ќе биде и во спротивност со одлуката на Парламентот и на политичките партии да формираат Специјално обвинителство кое треба да ги разгледа и гони прекршувањата, вклучително и делата кои се во врска со претходните избори“, изјави таа во таа пригода.

ВО ИНТЕРЕС НА ДРЖАВАТА ИЛИ ДРЖАВЕН УДАР

Неполн месец подоцна, поточно на 12 април, Иванов, сепак, објави општа аболиција на 56 лица, со која најмногу беа опфатени политичари засегнати од истрагите на СЈО, неколкумина политичари од опозицијата, а имаше дури и сведок (Коста Крпач), кој не беше предмет на кривично гонење. Оваа одлука на Иванов беше дочекана со жестока реакција на домашната јавност и на меѓународната заедница. Ваквиот потег во голема мера ја блокираше и работата на СЈО, кое се најде во недоумица како да постапува натаму.

Ставот на Иванов беше дека со аболицијата сакал да го заштити државниот интерес и да придонесе во решавањето на политичката криза.

„Кризата почнува да завршува во овој момент“, рече Иванов.Тој објасни дека донел одлука со која „се извршува општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници, или поддржувачи од спротивставените страни“. Иванов одлуката ја соопшти на прес-конференција во неговата резиденција. Не наведе имиња, ниту случаи на кои ќе се однесува амнестијата, но рече дека неговата одлука е во интерес на државата.

Опозициската СДСМ, постапката ја оцени како државен удар, а на улиците започнаа протести од таканаречената Шарена револуција. Во протестот еден ден по одлуката за прогласување аболиција беше демолирана и запалена народната канцеларија на Иванов во центарот на градот.

Ниту тогашната владејачка ВМРО-ДПМНЕ не ја прифати аболицијата на претседателот, по што тој ја повлече одлуката на 27 мај 2016 година, најпрвин за 22 „политички експонирани“ лица, а по 10 дена целосно ја повлече аболицијата, иако остана на ставот дека одлуката за аболиција била вистинско решение за смирување на политичката криза.

Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан рече дека одлуката на Иванов да ја повлече одлуката за одреден број луѓе не е доволна.

„Како што досега многу пати ЕУ повтори, сеопфатно решение е клучот да се избегне селективната правда“, додаде Хан.

Но, и покрај тоа што Иванов ја повлече аболицијата, таа беше искористена од страна на двајцата клучни обвинети во предметите на СЈО, Никола Бошковски и Горан Груевски, кои избегаа во странство за да се спасат од кривичен прогон. Тие беа фатени во Грција со фалсификувани документи во обид да ја преминат границата. Врховниот суд на Грција го одби барањето на Македонија за нивно испорачувањетокму повикувајќи се на аболицијата на Иванов.

Барање за нова аболиција од шефот на државата Ѓорге Иванов непосредно пред крајот на неговиот мандат побараа и осудените за „крвавиот четврток“ и собраниските случувања од 27 април. Според барателите, со тоа би се елиминирала неправдата и селективниот пристап сторен со Законот за амнестија, кога од вина беа ослободени дел од обвинетите, а во март 2019 година 16 лица беа осудени на казни затвор од 7 до 18 години, или на вкупно 211 години.

Тоа ги отвори старите правни дилеми, но и разногласија.

„Постојат две причини поради кои не може да се води постапка за помилување од страна на шефот на државата“, изјави во таа пригода министерката за правда, Рената Тренеска-Дескоска.Таа објасни дека постапката може да се води единствено преку Министерството за правда, со оглед на тоа дека нема законска основа за помилување без претходна постапка во ресорното министерство. Покрај тоа, таа потсети дека е избришан членот 11 од Законот за помилување кој претходно предвидуваше таква постапка од страна на претседателот, а и со укинувачка одлука на Уставниот суд во 2016 година тој член не е „оживеан“, односно не постои во правниот систем на државата.

Сепак, Иванов не го искористи своето право и не се одлучи повторно за аболиција, што предизвика негодување и реакции по социјалните мрежи на некои негови поддржувачи и истомисленици.

РЕКОА ЗА АМНЕСТИЈАТА НА ИВАНОВ:

Беким КАДРИУ, професор по кривично право:

„Гледано од правна перспектива, Иванов излезе надвор од сопствените уставни и законски овластувања. Иванов помилува врз основа на законската одредба која не постои во правниот систем на Република Македонија, а тоа е избришаниот член 11 од Законот за помилување. Исто така, тој со неговото апстрактно помилување на само одредена категорија лица, без никакво образложение, ги прекршува основните принципи на правото: правна сигурност и правна еднаквост. Уште повеќе, овозможува лица кои правеле сериозни кривични дела да избегнат кривична одговорност. Поради тоа Иванов треба да понесе одговорност за тој акт, дали во форма на оставка или во форма на утврдена одговорност од Уставниот суд.“

Мирјана ЛАЗАРОВА-ТРАЈКОВСКА, поранешен македонски судија во ЕСЧП

„Станува збор за одлука која е невообичаена, многу генерална и покрива поголема група луѓе. Помилувањата не се необични во постапувањето на претседатели во претседателски системи. Би го споменала предметот на претседателот на Јужноафриканската Република против Хуком, за кој расправаше Уставниот суд. Меѓутоа, тука станува збор за сосема поинаков пристап, каде што претседателот Нелсон Мендела помилувал поголема група жени коишто биле мајки на малолетни деца до 12 години. Но овде судот расправал од аспект на  дискриминација.

Овде има многу елементи за расправа и честопати мешање на термините аболиција, амнестија и помилување. Се работи за поголема група луѓе кои биле во предистражна постапка, истражна и само еден е осуден со правосилна постапка, кој е единствено помилуван. Има случај и на сведок, но и други случаи кои покренуваат размисла и расправа за други принципи што ги штити Конвенцијата, како на пример, принципот на презумција на невиност.“

КРАЈ

(кстот е  дел од публикација „Македонија од Букурешт до Преспа – Сведоштва на едно време: Македонија 2008-2018“ во издание на ФООМ).

Поврзани новости