ФЧЕРАШНИ НА КАНАЛ 5 ТЕЛЕВИЗИЈА

by Fokus

Веќе три сезони, Фчерашни новости се дел од телевизискиот етер. Го збогатуваат секојдневието со нивниот хумор, смеење, креативност и „навремено известување“. Секојдневните случувања и актуелните настаниѝ се главниот мотив и инспирација на оваа уникатна екипа, која наскоро стартува со четвртата сезона.

  • Фчерашни новости стартуваат со нова сезона, овој пат на Канал 5 телевизија. Датата е 9 септември (недела) со почеток во 19:30 часот.

Во изминатиот период, меѓу другото, биле ангажирани околу збогатување на екипата, со организирање на два кастинзи

  • Презадоволни сме од учесниците на кастингот, но најмногу не радува тоа што голем број креативни луѓесакаат да бидат дел од Фчерашни. Радува и фактот дека многумина од оние што се пријавија беа навистина талентирани, што не стави во тесно, зошто ни беше тешко да избереме кој ќе ја збогати екипата.

Се забележа насмевка кај сите од екипата, кога ги пофаливме за актуелноста и популарноста на социјалните мрежи

  • На Фејсбук имаме околу 130 000 следбеници, на Јутуб преку 18.000. Не следат и на Инстаграм. Забележуваме дека видео спотовите за некои од песните кои ги преработија Фчерашни на Јутјуб и Фејсбук достигаат прегледи и од над еден милион. Се надеваме дека во четвртата сезона овој број ќе расте, а со тоа ќе се зголемува и популарноста на Фчерашни.

Досега имаат преработки на шест песни

  • Секако дека ќе има нови преработки на светски хитови и во новата сезона. Еве ќе откриеме дека желба ни е да направиме и авторска песна, која ни претставува особен предизвик, зошто до сега не сме имале вакво искуство. Се надеваме ќе го направиме и тоа до крајот на оваа сезона.

Желба им е да излезат и надвор од границите на Македонија

  • Секако дека сме размислувале и размислуваме проектот да го понудиме и надвор од нашата држава. Доколку некој знае како, слободно нека ни се јави (се смеат). Би било фино кога би почнале соработка со слични проекти од другите земји од регионот,па да направиме нешто заедничко, што ќе биде актуелно и што ќе се гледа во целиот регион. Доста беше од реални и талент шоу програми, редно е да се направи нешто оригинално.

Ќе речат дека одлично се чувствуваат кога ќе ги препознаат на улица

  • Не препознаваат секако. Некои се суптилни и срамежливи, а други ни приоѓаат и ни честитаат за успехот. Нема ништо поубаво од тоа некој да ви каже дека сте му го направиле денот и дека со нетрпение ја очекува новата епизода.

Како екипа се неразделни

  • Со оглед на тоа дека секој ден сме заедно, функционираме и професионално и приватно. Не можеме еден без друг. Секој знае многу за другиот, а тоа прави да бидеме уште подобри. Ретко кој во денешно време може да се пофали со ваква блискост на работно место.

Ќе понудат нови рубрики и освежување во новата сезона

  • Кога не би имале нешто ново, не би биле чекор зад сите (се смеат). Секако дека ќе воведеме нови рубрики.Новите содржини секогаш ни се огромен предизвик, зошто сакаме кога смислуваме нешто ново, кое дополнително ќе ги израдува нашите фанови. Ќе имаме и нови луѓе во екипата и се надеваме дека ќе го пронајдат и оформат својот лик во новата сезона.

Пред стартот на новата сезона, се заблагодарија на сите кои што им помогнаа да станат ова кое што се денес

  • Фала им на сите што не гледаат и ни даваат поддршка. Публиката постојано не бара, ни викаат, кај сте сега, баш кога се случуваат толку глупости во државава. Ама кај нас секогаш се случуваат работи што ќе не инспирираат да направиме интересни содржини па затоа се надеваме на уште една успешна сезона.Ветуваме дека и овој пат нема да ја разочараме публиката. Ќе не има секоја недела во 19:30 часотод оваа сезона на Канал 5.

 

 

 

Поврзани новости