ФАЦ: Иванов чекори по стапките на Милошевиќ

by fokus

Ова што го прави Иванов во Македонија, во регионот не се случило уште од падот на Милошевиќ во Србија, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг, објавува Дојче веле на македонски.

„Не е никаква новина дека владеењето на правото и поделбата на власта не функционираат добро во земјите на Западниот Балкан. Но, она што во моментов се случува во Македонија, во регионот не се случувало од падот на српскиот насилник Слободан Милошевиќ во 2000. година: еден шеф на држава отворено се спротивставува да го признае изборниот резултат“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг во денешното издание во текстот под наслов „Во скопската конфузија“.

„Ѓорге Иванов е претседател на Македонија од 2009 година“, продолжува ФАЦ, „Избран беше со голема поддршка на тогашниот премиер Никола Груевски и неговата деснопопулистичка партија ВМРО-ДПМНЕ.
Македонската опозиција во Иванов никогаш не гледала ништо повеќе од измеќар на Груевски. Најдоцна од годинава, таа веќе не е осамена во таквиот став“.

Анализирајќи ги барањата во платформата на албанските политички партии, ФАЦ констатира дека „за Груевски и неговата партија, каталогот со албански барања е последна надеж за задржување на власта“. „Тие тврдат дека на Македонија и се заканува распад доколку се исполнат барањата. На интернет целно се шират лажни информации, поради што можниот иден премиер Зоран Заев минатата недела најде за потребно да ги отфрли лажните гласини. Тврдењата дека секој Македонец во иднина ќе мора да учи албански, и дека во спротивно ќе мора да се плати казна, се лаги, рече Заев“.

Поврзани новости