Фармерот Душко Илиевски обвинет за тепање на полицаец

by fokus 12:55
12:55

Фармерот Душко Илиевски е обвинет дека физички нападнал полицаец за време на протестите на Шарената револуција, кога битолчани бараа оставка од градоначалникот Владимир Талевски.

Илиевски денеска, додека продавал на пазар, го добил обвинителниот предлог, поднесен од Битолското јавно обвинителство, а во кое е наведено дека на 5 октомври годинава треба да се јави на распит.

Според податоците во предлогот, Илиевски се товари дека на 17 април, за време на протестот, нападнал полицаец кој бил дел од полицискиот кордон кој ја обезбедувал општинската зграда.

„Илиевски го нападнал полицаецот додека „вршел работи на безбедоста“, удирајќи го со раце и сo нозе по телото и по главата и нанасувајќи му „телесна повреда изразена како нагмечување со површински повреди во пределот на градниот кош, колкот и на бедрото“, се наведува во предлогот.

Илиевски за „Фокус“ вели ова е нов обид на власта да му го уништи животот.

– Обвиненијата се глупост. Како е можно да сум го извлекол полицаецот од кордонот и да го тепам? Па што правеле неговите колеги, спиеле? прашува битолчанецот.

Тој додава дека притисоците на власта против него постојано се зголемуваат, бидејќи секој втор ден на врата го бара полиција.

-Ми ги преплашуваат децата секој втор ден. Знаат дека сум на нива, ама упорно ми одат дома. Потоа децата ми се јавуваат и ми велат „тато пак те бараше полиција“. Не ми е јасна нивната упорност да ми го загорчат животот, како да сум некој голем политичар, вели Илиевски.

Фармерот, заедно со неговиот татко и брат, во 2010 година беа спектакуларно притворени во нивната нива и подоцна обвинети дека се занимавале со незаконско производство на канабис сатива. Вакво обвинување добија и лично од премиерот, кој пред медиумите предвреме ги прогласи за виновни.

Откако беа притворени тие тројцата 12 дена поминаа во истражниот затвор во Битола.

По неколку месеци судење, Основниот суд во Битола со решение ги ослободи тројцата од обвинението за кое беа товарени и ги прогласи за невини.

 

Поврзани новости