Фамилија Стаменковски, сестрата градоначалник, братот шампион: Со 200 евра плата победивме милионер!

by Fokus 12:50
12:50
Соња Стаменкова од СДСМ е новиот градоначалник на Македонска Каменица. Скромна жена, самохрана мајка на 29-годишна ќерка, вработена како медицинска сестра, и покрај тоа што е дипломиран психолог, таа е позната во градот и како сестра на шампионот во паурлифтинг, Бошко Стаменковски.

Во вчерашниот, втор круг од локалните избори, таа победи со разлика од 609 гласа, пред противкандидатот од ВМРО ДПМНЕ, Дарко Митевски. Бошко вчера славеше заедно со граѓаните и со сестрата Соња, со која што живее во семејна куќа, и целиот живот си биле меѓусебна поддршка.

- Advertisements -

,,Горд сум на сестра ми, таа е мојот шампион! Имаме уште една сестра во Скопје и брат во Делчево, потекнуваме од работничко семејство. Соња е ценета во градот, никогаш кон никого не се огрешила. Јас сум спортист, работам како обезбедување, а таа работи како медицинска сестра, бидејќи беше потценета од претходната власт. И покрај тоа што заврши психологија, беше вработена како среднист. Но граѓаните го направија вистинскиот избор, и победи правдата’’ – раскажува Бошко.

Тој додава дека најмногу се гордее поради фактот што тие, како семејство кое што живее од плати од по 200 евра, успеале да победат милионер. Противкандидатот на Соња на локалните избори, Дарко Митевски, се бореше за трет мандат.

,,Од една страна беше Соња, медицинска сестра од работничко семејство, а од другата Митевски, доктор на науки и милионер. Но јас верував во неа, знаев дека народот ги препознава нејзните човечки квалитети и вредности. Живееме во иста куќа, таа на едниот, јас на другиот кат. Нејзината ќерка, а моја внука, има 29 години и сеуште не е вработена. Значи, не сме бизнисмени, туку народни луѓе, борци за правда. Среќен сум што граѓаните на Македонска Каменица и ја дадоа довербата, и знам дека таа ќе го оправда секој глас’’ – вели Стаменковски за својата три години постара сестра.

Тој редовно и носи злато на Македонија и е истакнат спортист, кој во повеќе наврати се жалеше дека нема никаква помош од државата, околу учествата на светските првенства и натпревари. На почетокот на месецов по трет пат ја освои титулата светски шампион во паурлифтинг и бенч прес, до 67,6 килограми, и го собори светскиот рекорд. Од светското првенство кое што се одржа во Трутнов, Чешка, тој се врати како апсолутен победник, по што се сретна со новиот директор на Агенција за млади и спорт, Дарко Каевски.

Претходниот директор на агенцијата, Марјан Спасески, немаше слух за шампионот, па тој се снаоѓаше самиот околу покривање на трошоците за учествата на светските првенства.

Соња е една од шесте жени градоначалници во земјава. Во првиот круг од изборите, функцијата градоначалник на општините Битола и Арачиново ја добија Наташа Петровска и Мелкие Халими од СДСМ. По вчерашниот, втор круг од изборите, во Старо Нагоричане победи Жаклина Јовановска од СДСМ, во Могила – Јасмина Гулевска исто од СДСМ, а во Тетово – Теута Арифи од ДУИ.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости