Фајзер се враќа на првичниот план за испорака на вакцини во ЕУ

by fokus

Компанијата Фајзер соопшти дека оваа недела ќе се врати на првичниот план за испорака на вакцини за ЕУ, што значи и за Хрватска, и оти испораките ќе бидат зголемени од 15 февруари, пишува загрепски „Вечерњи лист“.

Денешната најава уследи откако Фајзер на крајот од минатата недела соопшти дека ќе ги намали испораките на вакцини за 60 проценти, што предизвика големо незадоволство во ЕУ и нејзините членки, како и притисок од Брисел.

– Поради итна потреба за имунизација на голем број луѓе, истражувавме иновативни начини да го зголемиме бројот на дози што можеме да ги испорачаме оваа година и сега веруваме дека потенцијално можеме да испорачаме приближно две милијарди дози до крајот на 2021 година, изјавиле од фармацевтската компанија за „Вечерњи лист“.

За да се постигне тоа, сега се потребни одредени модификации на производствените процеси.

– Оваа недела ќе се вратиме на првичниот распоред на испораки во Европската унија, вклучувајќи ја и Хрватска, додека зголемените испораки ќе почнат на 15 февруари. Така, целосно ќе го исполниме договорот и ќе ги испорачаме договорените количини на вакцини во првиот квартал, додека тие ќе бидат значително поголеми во вториот, соопштија претставници на компанијата Фајзер.

Поврзани новости