„Фајзер“ испорачува двојно помалку вакцини од договореното

by fokus

Компанијата „Фајзер“ оваа недела ќе испорача двојно помало количество на вакцини против Ковид-19 за некои членки на ЕУ во споредба со договореното, поради што се зголемува незадоволството во Унијата.

Романија ќе добие 50 отсто од планираното количество оваа недела, а испораката ќе се зголемува постапно, па дури кон крајот на март Букурешт ќе го добие договореното количество, истакна заменик министерот за здравство Андреј Бачиу.

Слична е ситуацијата и во Полска, која во понеделникот доби 176.000 дози, односно 50 отсто помалку од очекуваното.

Чешката Влада поради проблемите со набавка, исто така, ја забавува кампањата за вакцинација.

– Мораме да очекуваме дека ќе има намалување на бројот на вакцинации во следните три недели, истакна чешкиот министер за здравство Јан Блатни.

Испораката на вакцината од „Фајзер“ ќе биде помала за 15 отсто оваа недела, а следната за 30 проценти.

„Фајзер“ им соопшти на Бугарија и на Полска дека ќе го надополни недостатокот од вакцините.

Меѓутоа, данскиот Институт за серум соопшти дека 50 отсто помалку дози оваа недела ќе доведе до намалување за 10 проценти во првиот квартал од годинава.

Официјални претставници од овие земји велат дека намалувањето на испораките ги поткопува нивните напори да спроведат масовна вакцинација.

Италија вчера се закани дека ќе ја тужи компанијата „Фајзер“. Унгарија денеска издаде прелиминарно одобрување за користење на вакцините против коронавирус на „АстраЗенека“ и руската Спутник V. Будимпешта побара од Брисел да влијае врз тоа „Фајзер“ да се придржува кон планот за испорака.

Проблем поради намалените испораки на вакцината на „Фајзер“ имаат и Канада и Швајцарија.

Поврзани новости