Евровизија е настан кој се гледа дома: 487 евра за влезница за финале!

by fokus

Организаторите на музичката манифестација Евровизија 2019 која ќе се одржи во Тел Авив од 14-ти до 18-ти мај ги објавија цените на влезниците.

Во салата каде ќе се одржува настанот имало 7300 седишта, но од нив 3.000 немало да бидат достапни за публиката, со што останувале 4.300 влезници за продажба.

Цените на влезниците за полуфиналето на Евровизија се движат од 183 евра, па се до 244 евра за ВИП седиштата.

За големото финале пак, најевтините влезници се нудат по цени од 280 евра, со до оние најскапите, од 487 евра.

На генералните проби на настанот може да се дојде до поевтини влезници, и тоа за полуфинале од 85 до 244 евра, во зависност од местото на седење, и за генералната проба на финалето од 122 до 305 евра за влезница.

Билетите ќе бидат пуштени во продажба кон крајот на февруари, а од организацијата појаснуваат дека цените годинава се повисоки од вообичаено бидејќи имале високи трошоци околу целата продукција, но исто така и владата на Израел, каде се одржува Евровизија 2019, не го финансирала шоуто.

Исто така, појаснија и дека Евровизија е настан кој е дизајниран да се следи на телевизија, па фановите ќе имале подобро искуство ако следат од дома, пред малите екрани.

На годинашниот избор за песна на Евровизија во Тел Авив, Тамара Тодевска ќе не претстави со песната со работен наслов „Proud“ на авторскиот тим: Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски.

Од МРТ за ,,Фокус” изјавија дека целиот проект, Детска Евровизија и Евровизија нема да изнесува повеќе од 150.000 евра.

Вики Клинчарова

Поврзани новости