Еврото слабее, доларот расте: Што значи ова за Македонија?

by Fokus 18:00
18:00

Еврото во последно време загуби значително на вредност во однос на американскиот долар. Заедничката европска валута денеска  се разменуваше за 1,05 долари, а од почетокот на 2022 година еврото загуби околу 13% вредност во однос на доларот. За очигледната слабост на еврото постојат неколку причини.

Барометарот, кој го покажува курсот на главните валути, неодамна се искачи на највисоко ниво во последните 20 години. Доларот особено поскапуваше во однос на јапонскиот јен. Токму во време на криза, инвеститорите прибегнуваат повеќе кон доларот. Во тој поглед, силниот долар ги отсликува и економските грижи во светот.

Експертите очекуваат доларот да продолжи да расте. Доколку еврото падне под дваесетгодишниот минимум од 1,034 долари, далеку нема да биде ниту паритет со доларот. Тоа последен пат се случи пред околу 20 години. Според дел од светските  економисти, наскоро ќе се достигне нивото од еден долар за едно евро.

-Постојат повеќе причини за слабеењето на еврото. Ова е особено изразено со започнување на руско-украинскиот конфликт, но и растот на цената на енергенсите која се тргува во долари. Секако војната повеќе ја погоди европската економија, бидејќи пред се е 60 проценти зависна од рускиот гас. Во тој период пак САД почнаа да извезуваат и зголемено количество на земен гас. Покрај ова на вредноста на валутите влијаат и фундаментални параметри, трошоци, инфлација, очекувања, диверзификација  на економиите на различни земји, појаснува за „Фокус“ универзитетскиот професор Зоран Ивановски.

Тој појаснува дека падот на вредноста на еврото нема многу да влијае на инфлацијата во земјава, бидејќи на некој начин се одржува ценовната стабилност.

-Сепак врз инфлацијата многу повеќе ќе влијаат цената на струјата и горивата, па дури и на храната, а смирувањето во најдобар случај можеме да го очекуваме дури следната година. Сепак овие економски состојби се многу променливи и никогаш не може докрај да се предвидат бидејќи особено во услови на криза, различни земји применуваат различни механизми, а тие резултатите од тие механизми се рефлектираат врз целата светска економија помалку или повеќе во зависност од економската моќ на земјата, додава тој.

 

Ова во превод значи дека производите од Еврозоната стануваат поевтини и поконкурентни на светскиот пазар. Но, од друга страна, поскапува  увозот на стоки, особено на суровини со кои најчесто се тргува во долари. Поскапуваат нафтата, гасот и металите. Во таа смисла, слабото евро е истовремено и проклетство и благослов.

Брисел сака да спречи нова должничка криза по секоја цена

На краток рок, економските изгледи во Европа се помрачни отколку во САД. Војната во Украина ѝ нанесува многу поголема штета на европската економија, но сепак САД имаат поголем проблем со инфлацијата отколку еврозоната. Тоа долгорочно веројатно ќе се одрази на курсот на доларот. Досега, сепак, девизните пазари ја игнорираа повисоката инфлација во САД и премногу обрнуваат внимание на каматната предност во САД. Долгорочно – за пет години – САД дури би можеле да се вратат во должничка криза – слично како Италија, коментираат светските аналитичари.

Според нив нова рецесија во Европа тешко би погодила некои економии во еврозоната. Земји како Италија и Франција неодамна многу се задолжија со цел да ги ублажат последиците од пандемијата на коронавирус. Брисел сака да спречи нова должничка криза по секоја цена.

-Поради високата инфлација и зголемениот притисок од политиката и економијата има разлика и во каматните стапки меѓу Европа и Соединетите Американски Држави. Федералните резерви на САД веќе го објавија пресвртот во каматните стапки и планира неколку зголемувања  годинава и веројатно следната година. Инфлацијата во САД се искачи на 8,6 отсто во мај, најголемо зголемување во изминатите 40 години, вели професорот Ивановски.

Европската централна банка (ЕЦБ), од друга страна, чека, но сепак има најави дека тоа ќе се случи следниот месец, најголемата дилема е ако ги зголеми каматните стапки, ризикува да го запре воздржаниот полет во еврозоната. Тогаш постои дури и ризик од стагфлација. Доколку, пак, ЕЦБ се двоуми и не преземе ништо, инфлацијата би можела да излезе од контрола.

-Ризикот од стагфлација во еврозоната е поголем отколку во САД, бидејќи Европа е повеќе зависна од увозот на енергија, особено од увозот на руски гас, неодамна изјави девизниот експерт на Комерцбанк, Улрих Лојхтман.

Соња Танеска

 

Поврзани новости