Европските синдикати му рекоа на Димовски дека звучи како Живко Митревски

by fokus

На Сојузот на синдикати на Македонија му се заканува исклучување од Европската конфедерација на синдикати (ЕТУЦ). Генералниот секретар на ЕТУЦ, Лука Висентини во новото писмо до ССМ укажува дека се повторува постапката за избор на синдикален лидер како во времето на досегашниот претседател Живко Митревски. Со тоа, наведува Висенти, се блокираат демократските промени на Синдикатот.

– Вашето последно писмо ни даде чувство на „дежа ву”, бидејќи го користите истиот јазик како Митревски за почитување на правилата на постапките и масовната поддршка од гранските синдикати и така натаму. Како што рековме, ние од Вас очекувавме нов почеток и демократизација со измена на внатрешните правила правејќи ги истите поотворени со цел да се избегнат пречките со кои и Вие се соочивте – вели Висентини во одговорот на писмото од в.д. претседателот на ССМ Дарко Димовски.

Неговото писмо му претходи на престојниот вонреден конгрес на ССМ, кој треба да се одржи утре во Охрид, и на кој ќе се избере новиот претседател. Димовски е единствен кандидат.

Висентини наведува дека улогата на ЕТУЦ не е да поддржува или проценува еден или друг кандидат, туку да оценува колку се демократски и независни нивните членки.

– Од вашето писмо ние разбравме дека не Конгресот, туку Советот, е тој кој веќе ја усвоил една од најважните одлуки на ССМ и дека имате намера да продолжите со (да ги задржите сите) претходните постапки. Ова ќе го земеме во предвид кога ќе го оценуваме процесот и неговите последици за членство во ЕТУЦ – истакнува Висентини во писмото.

Поврзани новости