Европските претставници порачуваат: Договорот од Преспа е влез за ЕУ

by Fokus 09:32
09:32

Договорот од Преспа клуч за евроинтеграциските процеси на земјата, порта за отворањето на патот на Македонија кон ЕУ, преговорите ќе почнат само ако се спроведе договореното, а без решение за името вратата на Унијата ќе се затвори со децении.

Ова се дел од пораките, кои денеска ги пренесоа високи европски претставници пред претстојниот референдум, на кој граѓаните треба да се изјаснат за Договорот со Грција за решавање на спорот за името, но и за европските и евроатлантските перспективи на земјава.

- Advertisements -

Зајакната дипломатска активност проследена со посета на високи претставници на меѓународната заедница продолжува, а вчера во земјава беше државниот министер за Европа при германското МНР Михаел Рот.

Тој на интерактивната дебата „Македонија на патот на ЕУ“ одржана на Античкиот театар во Охрид во присуство на македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров порача дека Македонија испишува историја, не само национална туку и европска.

– Со Договорот потпишан со Грција за надминување на разликите околу името имаме уникатна шанса за отворање на вратите на ЕУ и НАТО. Би сакал што посокоро македонските пријатели да ги видам во групата пријатели обединети во двете асоцијации, истакна Рот.

Ги охрабри македонските граѓани да ја прифатат оваа историска можност.

– Доколку го поддржите договорот, тоа ќе биде значаен знак дека Македонците се силно посветени на демократијата, владеењето на правото, независноста на судството, тие ќе станат круцијален дел на обединета Европа. Мора да ја продолжиме нашата соработка, нашето пријателство, заедничките обврски, така што сум голем оптимист во таа насока, истакна тој.

Самуел Жбогар, амбасадорот на ЕУ во Скопје, вчера во за регионалниот веб-портал „Јуропијан Вестерн Балканс“ истакна дека отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ следниот јуни ќе биде можно само доколку договорот со Грција е целосно имплементиран.

– Референдумот е важен ден за земјата бидејќи граѓаните на него нема да одлучуваат само за договорот со Грција, туку и за тоа каква иднина сакаат. Самото прашање е поврзано со членството во ЕУ и НАТО, но и да не беше така, многу е јасно дека успехот на референдумот и консеквенците што ќе следат – промената на Уставот, се предуслов за земјата да оди напред во однос на нејзините евроинтеграции, псочува Жбогар запрашан за неговите очекувања од референдумот.

Во земјава в понеделник пристигнува еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, а тој вчера во интервју за МИА порача дека без решение за името, вратата за ЕУ ќе се затвори со децении.

– Ако сега не се искористи оваа прилика, прилично сум сигурен дека вратата ќе биде затворена со децении, ако не засекогаш. Во политика треба да се биде внимателен, но во догледна иднина, ќе биде затворена и тоа ќе биде штетно за граѓаните во земјата, рече Хан за МИА.

Еврокомесарот, кој доаѓа за „Деновите на медиумите“, ќе ја искористи својата посета да се сретне и со граѓани во Штип, каде ќе ја пренесе оваа порака. Неговата цел, вели тој, е да им ги предочи на граѓаните импликациите од Договорот со Грција и од прогресот на патот кон ЕУ.

Поврзани новости