Европскиот фронт бара собраниска комисија да ја набљудува истрагата за случајот во Кочани

by Fokus

Пратеничката група на Европскиот фронт денеска поднесе формално барање до претседателот на Собранието за информација за деталите и околностите, постапките на надлежните институции и селективниот пристап во истражувачкиот процес поврзан со трагедијата што се случи во Кочани, каде загинаа 59 лица и стотици други беа повредени, соопштија од пратеничката група.

Исто така тие бараат и собраниска Комисија да ја набљудува работата на истражните и правосудните органи во врска со пожарот во Кочани.

– Барањето се базира на член 205, став 2 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија и вклучува неколку клучни точки кои бараат објаснување од Владата, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и други институции, меѓу кои се: инспекциски проверки и превентивни мерки – мерки преземени пред трагедијата, постапки на органите за ред и итни случаи – дејствија во денот на настанот, детали за истрагата и нејзината транспарентност – како е спроведена истрагата и зошто постои селективен пристап, селективниот пристап во истрагата – објаснување на фокусирањето само на определени функционери и мерките за обезбедување независна и транспарентна истрага – преземени активности за гарантирање на правдата – наведуваат од Европскиот фронт.

Бараат, како што се наведува, оваа тема да се разгледа итно на следната седница на Собранието, со присуство на високо поставени функционери за да се одговори на поставените прашања.

Од парламентарната коалиција сметаат дека е потребно создавање на Парламентарна Комисија за независен надзор со меѓународно набљудување, која ќе го надгледува директно целиот истражувачки процес и ќе осигура дека правдата се спроведува без политички влијание.

Поврзани новости