Европски вредности и балкански безвредности

Само доследно почитување на законот ја гарантира правната сигурност, која утре ќе му биде можеби битна на секој еден кога ќе се судри со законот, а кој сега навивачки и ботовски зборува за она што не го знае

by fokus 12:38
12:38

Пишува: Звонко ДАВИДОВИЌ

Човечка, универзална вредност е слобода, за неа се борело мечтаело, гинело. Слободата е основно уставно загарантирано право и е начело во речиси сите устави, закони, повелби и конвенции. Слободата е неприкосновена и може да биде ограничена само под точно определени услови, поради точно определени причини и во точно определена и пропишана постапка. Покрај Уставот и Законот за кривична постапка, цела низа закони ја регулираат оваа материја. Светска, европска вредност не е ограничувањето на слободата, туку слободата.

ПРИТВОРОТ Е МЕРКА, А НЕ КАЗНА

Постојат неколку причини поради кои може да се ограничи слободата, а тоа се извршување правосилна судска пресуда, со која е изречена казна затвор, притвор како мерка која обезбедува да не се даде некој во бегство, да не влијае врз сведоците или вештаците, да не уништи траги од кривичното дело или да го доврши започнатото.

Притворот не е казна и, според Уставот и Законот, но и според протоколите, конвенциите и пресудите на Стразбур, тој мора да биде ограничен и да трае и да се сведе на најкусо можно времетраење.

Постојат низа мерки кои можат и треба да ја заменат мерката притвор, а тоа се куќен притвор, одземање патна исправа, гаранција, јавување во суд, забрана за  напуштање престојувалиште или живеалиште итн.

Во европските земји, а особено во САД, гаранцијата е најчесто употребувана мерка, и тоа во тешки случаи. За потсетување е, и праксата во Србија, каде што Мишковиќ беше пуштен да се брани од слобода со полагање гаранција, а во Хрватска директорот на Агрокор беше пуштен со гаранција, и покрај тоа што штетата беше мултимилионска и погодуваше неколку држави.

Заблуда е дека само богатите се пуштаат со гаранција, затоа што висината на гаранцијата зависи од имотната состојба на осомничениот или обвинетиот. Доколку обвинетиот се даде во бегство, гаранцијата се реализира и имотот станува сопственост на државата трајно, а обвинетиот се бара со потерница и по неговото приведување завршува во притвор.

Подолг временски период од меѓународните правни експерти и институции сме опоменувани како држава дека притворот е мерка, а не казна, и поради праксата која и понатаму се применува во нашата држава под мониторинг сме по однос на изрекувањето, траењето и примената на мерка притвор.

ПРАКСА ПОЛНА СО НЕДОСЛЕДНОСТИ

Досегашната пракса покажа многу недоследности и противречности, како и кршење на законот од страна на судовите во Република Македонија. Притворот во некои случаи траеше и по 3 години, како што е случајот Ореше, Фаланга, Калдрма итн.

Во случајот на Биг Фиш, Тони Денковски беше незаконито држен во притвор 5 месеци над дозволениот максимум. Судот незаконито го искористи времето меѓу жалбата до Апелациониот суд и жалбата до Врховниот суд (кога е изречена доживотна казна затвор пресудата станува правосилна, дури по одлуката на Врховниот суд по жалба) и по неправосилна судска одлука присилно го однесоа во Идризово на издржување казна. А, тие 5 месеци поминати во Идризово, не му ги засметаа во притворот, а што е спротивно на законот.

Ваквата судска пракса, понатаму судот ја искористи уште во два случаи спротивно на законот. Уште многу примери можат да се посочат и најголемиот дел од нив се содржани во различни извештаи и укажувања, но, за жал, ретко кој ги чита.

Слободата е европска вредност, а не притворот, европска вредност е замена на притворот како најтешка мерка со други полесни мерки. Европска придобивка и вредност е дијалог и размена на мислења, спротивставување на ставови и аргументи, а простаклук е етикетирање, пцуење, навивачко партиско дрндање, без познавање на областа за која се зборува.

Примитивизам и безвредност се хушкачките повици на линч како на Дивиот Запад и малоумно навивање за нечие ограничување на слобода, кога постојат други подеднакво квалитетни мерки. Само незнаењето може да ги поистовети притворот и изречената казна, само злобата прави да се ситиме на туѓа судбина. Кој што направил за тоа и ќе одговара врз основа на докази и ќе му биде изречена казна која ќе ја издржува, а нема да издржува притвор.

Само доследно почитување на законот ја гарантира правната сигурност, која утре ќе му биде можеби битна на секој еден кога ќе се судри со законот, а кој сега навивачки и ботовски зборува за она што не го знае.

 

Поврзани новости