Европски политичари го нападнаа Курц поради поддршката на ВМРО – ДПМНЕ

by fokus

Поранешниот шеф на социјалдемократите во Европскиот парламент, Ханес Свобода изрази жалење поради настапот на шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц на предизборниот митинг на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, јави агенцијата Мета.

„Крајно време е Македонија да тргне по нов пат врз основа на европските вредности. Затоа посебно е за жалење што министерот Курц ги поддржа оние кои се одговорни за тешката ситуација во која се наоѓа земјата“, стои во соопштението на Свобода.

Тој оцени дека на Македонија и се потребни слободни избори, без влијание од странски министри или влади.

Свобода потсетува дека скандалот со прислушувањето, злоупотребата на службената должност, како и на корупцијата на владата со која раководат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ довеле до одржувањето на новите избори, кои се закажани за 11 декември.

„Почитувањето на владеењето на правото станува неважно кога се работи за задржување на бегалците?“, праша на „Твитер“ заменик претседателот на „Европската иницијатива за стабилност“ Кристоф Бендер.

Директорот на Центарот за студии за Југоисточна Европа при Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер за австрискиот весник „Стандард“ изјави дека Австрија „го поддржува авторитарниот чувар на капијата“.

Австриското министерство за надворешни работи истакнува дека Курц на предизборниот митинг учествувал, не како шеф на дипломатијата, туку како претставник на Европската народна пратија, чиј член е и неговата Народна партија на Австрија, како и ВМРО-ДПМНЕ.

Тие укажуваат дека и германскиот пратеник Тобијас Зех од редовите на СЦУ одржал говор на предизборниот митинг во Скопје.

Министерството истакнува дека состојбата во Македонија не смее еднострано да се набљудува, туку дека е неопходно реформските напори да го преземат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. И двете страни, како што порачуваат од Виена, треба да создадат услови за слободни и фер избори.

„Одлучувачки за мене е балканската рута да остане затворена, а актуелната влада е гарант за тоа,“ ја пренесува австриското МНР пораката на Курц.

Шефот на австриската дипломатија вчера по средбата со Попоски, рече дека на завчерашниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ присуствувал како член на Европската народна партија и тука нема ништо спорно.

Поврзани новости