Европската Унија ќе одвои дополнителни две милијарди евра за помош на Западен Балкан

by fokus

Европската Унија најави дополнителна помош од две милијарди евра од буџетот за Западен Балкан, пишува сараевски „Дневни аваз“, повикувајќи се на извори блиски до Европската инвестициска банка.

Извор кој инсистираше на анонимност, изјави дека се работи за иницијатива на Германија, која има за цел „посилен ангажман на ЕУ во реонот на БиХ, Албанија, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора“.

По состанокот на Советот на министри на ЕУ и Европскиот совет, каде се стави акцент на ситуацијата на Балканот, се одржа средба и со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер и комесарот за проширување, Јоханес Хан.

На состанокот им било пренесено дека ЕУ мора да вложи додатни средства за стабилизација и подобрување на состојбата на Балканот.

„На состаноците со официјалните лица на ЕУ, заедно со претставниците на други европски финансиски институции, стана збор за износ од најмалку две милијарди евра. Тоа би било додатни финансии на оние кои ЕУ веќе ги намени за Балканот годинава.

Во еден од разговорите коишто ги имавме на почетокот на пролетта, нам ни беше сугерирано и да размислиме за опцијата на забавување или пак, запирање на некои од проектите кои се реализираат во Турција, со оглед на се позатегнатите односи помеѓу Анкара и Брисел. Никаква одлука не е донесена“, образложи изворот за „Дневни аваз“.

 

Поврзани новости